Search

Утре голема журка со Пол ван Дајк во паркот „Авионче“

Светската икона на електронската сцена, диџеј Пол ван Дајк, утре, 31.8.2019 година (сабота) ќе настапи во паркот „Авионче“ покрај кејот на Вардар во Општина Аеродром.

Неговиот настап се очекува да почне во 22:00 часот, а пред него за добрата атмосфера ќе се погрижат неколку познати македонски диџеи кои ќе стартуваат од 19:00 часот.

Општина Аеродром е дел од светската турнеја насловена „Music Rescues Me“ на Пол ван Дајк, во чиишто рамки тој го промовира својот нов албум. Очекуваме околу 10.000 посетители од земјава и од регионот, кои ќе имаат можност да уживаат во неговите нови хитови, но и во безвременските дела со кои израснаа генерации.

За потребите на овој голем настан ќе биде поставена бина по светски стандарди, надополнета со посебни ефекти, врвно озвучување и уникатно осветлување, кое е карактеристично за настапите на Пол ван Дајк.

Специјалниот огномет при крајот на концертот ќе внесе дополнителна магија во целиот настан.

Ги покануваме граѓаните да бидат дел од целовечерната забава која е од отворен карактер со бесплатен влез и ги потсетуваме дека препорачливиот дрес код е во сино-бела боја за уште поубав амбиент.

Греми номинираниот Пол ван Дајк два пати е прогласен за број 1 диџеј во светот според реномираното списание „DJ Mag“, нешто што досега само неколку диџеи успеале да го постигнат во својата кариера.

Инаку, тој е дел од големиот фестивал BACK 2 school WEEK што девет дена се одржува низ парковите во Општина Аеродром, каде настапуваат голем број музички имиња, бендови и диџеи.

Треба да знаете
Последни објави