Search

Со премиера на „Медена земја“ и концерт на „Фолтин“ вечерва ќе биде затворен фестивалот „Македокс“

Со доделувањето на наградите, премиерата на документарниот филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и концерт на групата „Фолтин“ вечерва во Куршумли-ан ќе биде затворен 10. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“.

Премиерата на „Медена земја“ е круна на македонската програма која беше прикажана во текот на годинашното издание на „Македокс“ и во чии рамки беа прикажани уште девет македонски филмови. Организаторите на фестивалот велат дека особено радува фактот што Друштвото на филмски работници на Македонија ден претходно донесе одлука „Медена земја“ да биде национален кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм, а дополнително филмот влезе во трка и за уште една престижна награда – за најдобар документарец на „Европските филмски награди“ , што ги доделува Европската филмска академија.

По светската премиера во јануари 2019 година, на 38. Фестивал на независни филмови „Санденс“ каде ги освои трите главни награди, филмот со фантастичен успех е прикажан и на повеќе светски фестивали, а публиката со нетрпение го очекува и во македонските кино-сали.

На „Македокс“ филмот ќе има две проекции – во Куршумли-ан и во киното „Фросина“ (во 22.30 часот) во МКЦ. По проекцијата во Куршумли-ан ќе следува концерт на групата „Фолтин“.

Пред премиерата на „Медена земја“ ќе бидат доделени фестивалските награди во пет категории : „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи. На разговорите „Под смоквата“ во Куршумли-ан, во 18 часот, ќе учествуваат членовите на комисиите кои ги донесоа одлуките за најдобрите филмови на 10. „Македокс“.

Главна тема на фестивалот годинава беше филмската копродукција како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците. Тоа беа причините на „Македокс“ да бидат поканети гости од регионот и заедно со Хеле Хансен, комесар од Норвешкиот филмски институт, Лиза Ниед од „Скане“ (Шведска) и Сорен Тарп од Данскиот филмски институт, да учествуваат на форумот „MakeCoProDox“, кој се одржа од 25 до 27 август во МКЦ.

„Ова беше значаен почеток, на некој начин иницијација за промените кои би требало и кои би можеле да ги направиме заедно со единствена идеја да им помогнеме на сегашните и идните автори полесно да ги создадат своите документарни филмови. Се радувам кога гледам дека како регионалните, така и скандинавските фондови беа отворени за размена на знаења, а она што го сфатив овие три дена е дека ваквите средби се неопходни, затоа што тие, не само што овозможуваат вредни контакти, туку и даваат поттик за промени кон подобро“, истакна Бистра Гергиева, раководител на Медиа Деск МК и ко-организатор на MakeCoProDox.

Форумот е поддржан од Канцеларијата на Креативна Европа – Медиа Деск МК во Скопје и Агенцијата за филм на Р.С. Македонија.

Синоќа во Младинскиот културен центар се одржа премиерата на четвртиот краток документарен филм што оваа година произлезе од школата „Докуникулци“, а во продукција на „Македокс“. Документарецот „Лог Аут“ на Рамона (Моња) Кочишка привлече бројна и разновидна публика. Документарецот на многу симпатичен и аналитичен начин го портретира ликот на нејзиниот татко – Логин Кочишки. На фестивалот премиерно беа прикажани и кратките филмови „Низ објективот на копнежот“ на Розе Симоновска, „Скопска ситуација ’18“ на Анастасија Павловска и „Палец горе“ на Марија Матеска.

Треба да знаете
Последни објави