Search

Пријавувањето на авантуристички тури го намалува ризикот од последици

Ризикот од непредвидливи ситуации по планинските предели е предизвик за љубителите на екстремни спортови и трагачи по возбуди. Ги прифаќаат и покрај опасностите кои ги демнат особено кога ќе се најдат по планинските беспаќа. Недоволната физичка подготвеност, непознавањето на конфигурацијата на теренот, а често и младешкиот порив, се причина поради кои некои ги ставаат животите „на коцка”.

Последниот случај кога двајца мотоциклисти залутаа на Шар Планина уште еднаш предупреди на опасностите со кои може да се соочат авантуристите.

Пред некој ден, полицијата спаси двајца браќа од Скопје на возраст од 31 и 25 години, кои заталкале на Шар Планина. Тие со мотоцикли околу 14 часот се упатиле кон Титов Врв и планирале да стигнат во Стрезимир. По пат се изгубиле, а им се случил и дефект. На повозрасниот брат му се влошила и здравствената состојба, па неопходна му била лекарска помош. Ноќта околу 21 часот и 15 минути, полициски службеници поделени во неколку групи, започнале со пребарување на теренот, а околу 1 часот по полноќ тие биле пронајдени на потегот помеѓу Титов Врв и Враца Рид, над Боговиско Eзеро, по што за кусо време биле пренесени во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош.

Од СВР Тетово, по овој настан уште еднаш укажаа на важноста на пријавувањето во полицијата на турите во планина. Тоа, како што наведуваат, има за цел да се знае денот, местото и дестинацијата на одвивање на турите, за побрзо да се реагира во вакви случаи.

Вакви и слични ситуации имаше и на 8 февруари 2019 година. Тогаш, полициски службеници на СВР Тетово, во заедничка акција со Горско спасителната служба, пронајдоа и извлекоа двајца тетовци на возраст од 29 и 36 години. Додека се скијале на потегот од Лисец кон Долно Палчиште се издвоиле од група и заталкале.

Особено драматично беше минатата зима (2018 година) кога полицајците и тетовската Горско спасителна служба, спасија и спуштија од падините на Попова Шапка двајца француски државјани (волонтери во Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово). За пожртвуваноста и брзата реакција на СВР Тетово му беше врачено и пригодно признание од Амбасадата на Република Франција.

Дивите предели по високите планински подрачја се исклучително привлечни за странските туристи. Непочитувањето на прописите, лани исто така беа ризични за повеќемина. Полицајци учествуваа во потрага и спасија група косовски скијачи, кои во магла заталкале и се изгубиле на Попова Шапка. Авантурата на двајца американски туристи, кои одејќи со нивното возило кон мијачкото село Галичник се загубиле на тоа подрачје, сепак имаше среќен крај. Во нивното пронаоѓање и извлекување учествувале полициски службеници од Полициското одделение Маврово.

Во насока на спречување на ваквите настани и потрагични последици од Секторот за внатрешни работи Тетово, минатата есен имаа состаноци со планинарите  и рекреативците.

– Превентивното делување е од исклучителна важност со оглед дека во ваквите ситуации треба да се делува брзо, а потребен е и дополнителен ангажман од луѓе и средства. За да се намалат последиците, лани се одржаа серија средби со осумте планинарско – рекреативни друштва во Полошкиот регион. На средбите, меѓу другото, се расправаше за потребата од навремено пријавување на планинарските тури, особено во зимскиот период, но и за мерките и начините за надминување на одредени кризни ситуации на планина, проследени со заталкувања, премрзнувања и слично, изјави за МИА, Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Но, и покрај авантуризмот, планинските премини се користат и за нелегални преоѓања на државната граница. Во исклучително драматична ситуација пред 8 години се најдоа двајца албански државјани. Тие сакале илегално да ја преминат македонската граница и притоа се загубиле на планината Кораб. Во исклучително екстремни услови и на екстремни минусни температури, ги спасија полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и контрола во Жировница.

За нивното ангажирање, на полициските службеници од ова подрачје им беа врачени благодарници од градоначалникот на Општина Пешкопеја.

Љатиф Пајковски, тогаш командир на ПС за граничен надзор во Жировница и Ведат Зеќири, направиле вистински подвиг и со упатување повеќе совети преку мобилни телефони и директно дејствување, успеале да ги извлечат од снегот и премрзнати. Тогаш на помош бил и армиски хеликоптер, кој во меѓувреме го повикале премрзнатите илегалци да ги сместат во болницата во Дебар.

Доколку поривот од истражување и престој на планина се големи, препораката е да се контактираат локални водичи на планина, кои го познаваат теренот и соодветно на предизвикот да се подготват.

Треба да знаете
Последни објави