Search

Министерот Исмаили во посета на археолошкиот локалитет „Ѓоновичко кале” кај Гостивар

Министерот за култура Хусни Исмаили денеска го посети локалитетот „Ѓоновичко кале”, кај селото Горна Ѓоновица во близина на Гостивар, каде се спроведуваат археолошки истражувања.

Како што соопштија од Министерството за култура, за време на посетата министерот Исмаили се запозна со текот на истражувањата на локалитетот кој претставува утврдена населба од античко време, па се до средниот век, со остатоци од кула чии бедеми на места се зачувани и до пет метри во височина. Тој ги разгледа и пронајдените предмети како керамички садови, питоси, покривни ќерамиди, многуброен градежен материјал и монети кои датираат од различни временски периоди, меѓу кои и монета која потекнува од четвртиот век од нашата ера.

– Министерот истакна дека истражувањата на Калето чија функција била да ја штити комуникацијата на патот Македонски Брод-Кичево се од особено значење за културно наследство на гостиварскиот регион, стои во соопштението.

Инаку, во текот на истражувањата кои се спроведуваат со поддршка на Министерството за култура, освен од Конзерваторскиот центар од Гостивар кој е носител на проектот, вклучени се и стручни екипи од Арxеолошкиот Музеј, од Националниот конзерваторски центар, како и истражувачи од катедрата по археологија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј”-Скопје, се наведува во соопштението од Министерството за култура.

Треба да знаете
Последни објави