Московиси: Лондон мора да си го плати долгот кон ЕУ

Еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси, реагираше на најавите на британскиот премиер Борис Џонсон, дека во случај на Брегзит без договор, Лондон не е обврзан да го плати својот долг кон ЕУ.

-Британците мораат да го дадат својот финансиски придонес во било кој случај, без разлика дали е без договор или со договор, станува збор за законски обврски, финансиски обврски, изјави изутринава Пјер Московиси за француските медиуми.

ЕУ и Обединетото Кралство минатата година постигнаа договор за повлекување од ЕУ кој е рамката во која треба да се одвива Брегзит. Договорот предвидува дека Лондон треба да исплати педесетина милијарди евра за различни европски програми во кои е ангажиран како и за платите и пензиите на британски функционери во ЕУ институциите.

-Ова е прашање на доверба за разговорите кои ќе се отворат сега, ова е тема за која не се дискутира и не смее да се дискутира, порача Московиси.

Неисплаќањето на долгот кон ЕУ би можел да биде ризичен за Лондон во однос на довербата на финансиските пазари и на инвеститорите, но пред сѐ би можел да претставува голема пречка во преговорите кои ќе се отворат меѓу Брисел и Лондон за идното трговско партнерство помеѓу двата партнера.

Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ на 31 октомври, Џонсон е подготвен тоа да го стори по секоја цена, па дури и без претходен договор со ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави