Марија, Игор и Дарко добија нова шанса, отворен мал групен дом во демиркаписка Корешница смени Ирвинг во Селтикс

Марија, Игор и Дарко добија нова шанса, отворен мал групен дом во демиркаписка Корешница. Во овој дом тие ќе живеат како семејство откако со процесот на деинституционализација беа извлечени од гломазната институција Специјален завод Демир Капија.

За нив како лица со попреченост ќе се грижат стручни кадри со 24-часовна поддршка. Дарко кој има 23 години денеска беше пресреќен поради новата шанса што му се дава, особено кога го виде своето семејство кое му дојде во посета. Во Заводот бил донесен пред неколку години.

Марија и Игор се 24-годишни и се неподвижни, а се чини дека и тие се радуваа на новите услови за престој. Таа била донесена во Заводот од пред осум години од семејство, а тој престојувал подолго таму. Досега за само една година се извлечени 13 лица од институцијата.

Поздравувајќи го денешниот чин во Корешница, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека со ова продолжува процесот на деинституционализација.

– Условите се одлични, а продолжува и процесот на квалитет во грижата за овие деца кои долг период беа во една сива институција каде не се правеше доволна стимулација и заради недостаток на кадар и заради самите услови и гломазност на институцијата, рече Царовска, нагласувајќи дека градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров и директорката на Заводот, Александра Велковска даваат огромна поддршка.

Таа додаде дека навистина е одлично да се види дека децата тука имаат подобра состојба и се многу возбудени заради новиот начин на живот што ќе го имаат и со непосредниот контакт со околината.

– Она што може да се заклучи е дека дечињата кои се поподвижни во дворот повеќе сакаат да комуницираат и со соседите, но исто така и да гледаат како се движат возилата, да комуницираат со заедницата и тоа навистина не прави како систем за социјална заштита среќни и задоволни дека конечно оваа трансформација значи подобрување на животните услови, живеењето на сите деца кои биле сместени во нашите институции, рече Царовска.

Директорката на Заводот, Велковска изрази огромно задоволство и радост од причина што, како што нагласи, во минатото кога се отвораа првите мали групни домови имаше незадоволство и скептичност од вработените кои се плашеле да не ги изгубат работните места со овој процес. Меѓутоа, според неа, сето тоа било надминато.

– Првпат при отворањето на малиот групен дом имаме доброволци вработени кои сами се пријавија да работат во малите групни домови, рече Велковска, изразувајќи огромна благодарност до Министерството и градоначалникот за 24-часовнат аподдршка, разбирање и помош.

Благодарност за огромната соработка со Министерството изрази и градоначалникот Петров. Тој нагласи дека условите во овој прв мал групен дом отворен во Општина Демир Капија се на повисоко ниво од оние во Заводот. Петров изрази благодарност до жителите на селото за огромната поддршка додека се градел домот.

– Како локална самоуправа сме големи поддржувачи на трансформација на Заводот во овие мали групни домови каде децата би имале многу понормален живот и одлична социјализација. Тие подолго се дел од нашето општество затоа што самиот Завод е во Демир Капија, нагласи Петров.

Треба да знаете
Последни објави