Елези: МојДДВ ги исполнува целите-се враќаат пари кај граѓаните и се намалува сивата економија

МојДДВ мерката веќе ги дава резултатите за целите за кои беше воведена – влијае на намалување на сивата економија и враќа пари на граѓаните, вели заменик министерката за финансии Ширет Елези.

Елези посочи дека заклучно вчера граѓаните оствариле поврат од над 930 илјади евра, скенирајќи скоро 7 милиони фискални сметки со промет од 3,5 милијарди денари. Заменик  министерката рече дека 143 илјади граѓани скенираат фискални сметки.

-Со оглед на трендот на раст од ден на ден на регистрирани корисници и скенирани сметки, очекуваме бројот на месечно скенирани сметки и сумата поврат иднините месеци да расте- рече Елези.

Заменик министерката посочи и дека бројот на сторнирани сметки е намален за 15% во овој период, а удвоен е бројот на пријави за неиздадени фискални сметки во однос на минатата година.

Во однос на намалување на сивата економија, Елези посочи дека вкупната наплата на ДДВ е подобрена за 18,3% во однос на лани.

-Наплатата на ДДВ од почетокот на јули досега изнесува 75 милиони евра. Ова е раст од 18,3% во однос на лани. Подобрената наплата на ДДВ, заедно со одличната наплата на персоналниот данок, акцизите, како и придонесите – придонесуваат наплатата на вкупните приходи во јули да биде повисока за 16% во однос на лани. Со ова, од почетокот на годината досега приходите во државната каса се поголеми за 7,4% во однос на лани – рече Елези.

Таа посочи дека како што ќе расте бројот на скенирани сметки, се очекува наплатата на ДДВ да остварува уште подобри резултати, како и да влијае на вкупната наплата на приходи во државната каса.

Треба да знаете
Последни објави