Search

Отворена изложбата „Спомени од Битола – март 2019″

Во Културно-информативниот центар (КИЦ) вечерва е отворена изложба на фотографии насловена „Спомени од Битола-март 2019″.

На изложбата се претставени 27 фотографии на кои се прикажани комеморативните настани од март годинава по повод одбележувањето на 76 години од депортацијата на Евреите од Битола, Штип и Скопје.

Куратор на изложбата е Шломи Амсалем, кој воедно го водеше и интернационалниот натпревар на фотографии „Спомен од Битола”-март 2019″. Победничките фотографии беа избрани од страна на осумчлено жири на чело со Исак Адижес, кој е роден во Скопје и е еден од ретките кој го преживеал Монополот.

Организатори на изложбата се „Скопско лето” и Здружението за развој на општеството и животната средина „Акта Нон верба” од Скопје. Изложбата е реализирана во соработка со израелскиот амбасадор Дан Оријан, а вечерва на отворањето присуствуваше и министерот за образование и наука Арбр Адеми.

Организаторите велат дека изложбата е уште еден начин на кој приказната ќе биде раскажана, да се споделат комеморативните моменти и да се запомни заедницата која речиси целосно беше уништена. Оваа изложба е дел од приказната за зачувување на старите еврејски гробишта во Битола и маршот на живите кој веќе стана традиција.

Изложбата во Скопје е реализирана во соработка со Израелскиот фонд за кооперација и за промоција на проектот за зачувување на старите еврејски гробишта во Битола и со поддршка од „АРХАМ” и „АКТА НОН ВЕРБА”, иоткако минатата недела беше претставена во Министерството за надворешни работи на Израел.

Треба да знаете
Последни објави