Search

Рекорден број на смртни случаи од дрога во Шкотска

Бројот на смртни случаи од дрога во Шкотска пораснал за 27 отсто во 2018 година, кога се забележани рекордни 1.187 смртни случаи како последица од консумирање наркотици, покажа извештајот на шкотскиот Завод за статистика.

Консумирање хероин, морфиум, метадон, кодеин, земање на еден или повеќе видови опојни средства се наведени како причина за смрт кај 1.021 лице или кај 86 проценти од вкупниот број смртни случаи како последица од земање дрога.

Стапката на смртност е трипати повисока отколку за цела Велика Британија и највисока на ниво на цела Европска Унија.

Според податоците на Заводот за статистика, најголем дел од починатите се мажи – 72%, лица на возраст од 35-44 години. Најголем дел од починатите се во Глазгов, 33%.

„Овие податоци се шокантни. Неопходно е оваа трагедија да се третира како прашање на јавното здравје и подготвени сме да преземеме иновативни и смели мерки“, изјави шкотскиот министер за здравство, Џо Фицпатрик.

„Овие статистички податоци не одговараат на едно од најбогатите општества во Европа“, коментира Розан Макласки, шефица на здружението Addaction, кое се бори против зависноста од дрога.

„Треба да престанеме кривично да ги гониме луѓето кои користат дроги и да ги поврземе со службите за лекување. Поддржувам заеднички простории за наркозависниците“, додала таа.

Повеќе шкотски политичари се заложија за одредување простории за консумирање дрога со лекарски надзор, но во таква мерка не верува британската конзервативна влада, која ја одредува политиката во врска со дрогата.

Треба да знаете
Последни објави