Search

ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува новиот закон за Охридскиот Регион

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната Комисиска расправа за усвојување на новиот предлог-закон за управување со природното и културното наследство на Охрид не го поддржа усвојувањето со образложение дека предвидениот мораториум за градба во Охрид и слични мерки владата можела да ги спроведе и со постоечкиот закон.

„Владата и сите надлежни институции можеа досега да донесат одлука за рушење на дивоградбите и без овој нов закон. Во оваа фаза на законот, колку и да сакаме да бидеме конструктивна опозиција, нема да го поддржиме“, рече Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ.

Лилјана Поповска од ДОМ, пак, тврди дека суштински промени во законот има и, како што рече, од Надзорната расправа констатирале дека стариот закон имал пропусти токму во прекршочните мерки.

„Не треба да коментираме дали новиот закон и во колку проценти е ист како стариот, важно е дека во него се имплементирани засилени мерки на заштита”, реплицираше Поповска.

Факт е дека Охрид се наоѓа во страшна состојба и затоа УНЕСКО бара од нас реална разработка на план со кој ќе се справиме со оваа голема криза, а одговорноста е на сите, рече Никица Корубин.

Според неа, „ние не сме ги почитувале постоечките закони и сме го довеле Охридскиот Регион во ваква состојба“.

„Сите сме виновни, и локалната и извршната власт, граѓаните не се информирани, а медиумите недоволно ја информираа јавноста. Но сега се плашам дека ако продолжуваме со напаѓање и собирање политички поени, а не се концентрираме на решенија, ќе влеземе во поголема криза. Законот треба што побргу да се донесе и да стапи на сила“, смета Корубин и нагласи дека ни е потребна странска експертска помош за да ја вратиме довербата од УНЕСКО.

Комисиската седница е прекината заради пленарната, а за продолжението на расправата ќе известат дополнително.

Треба да знаете
Последни објави