Search

„Танец” го отвори 58. Балкански фестивал на народни песни и игри

Фолклорот е само дел од начините преку кои се изразува културното богатство на еден народ. Во себе ја носи долгогодишната историја на еден народ, сите нивни приказни, страдања и славења, љубови, успеси и разочарувања, рече вечерва претседателот на Собранието Талат Џафери на отворањето на 58. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, тој изрази почит за најстарата фолклорна манифестација на Балканот, која овозможува афирмирање и промовирање на културните богатства на народите.

– Во овие години на електронска и мрежна поврзаност, како и масовна глобализација која своето влијание го има и врз музиката и културата генерално, навистина е за восхит фактот дека овој фестивал опстојува и предизвикува интерес толку години. Да се обидеме да го зачуваме и да го промовираме уште повеќе за да можеме и на младите генерации да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри, за кога ќе станат возрасни луѓе, да носат чувство на гордост и задоволство од својата посебност, истакна Џафери.

Според директорот на Центарот за култара „Григор Прличев”, Горан Симоновски, на фестивалот се преплетуваат културните мемории од сите земји, комуницираат преку спецификите на ритамот и мелосот, преку разиграата шареноликост на везот и фолклорниот детаљ.

-Сите тие заедно ја прават оаа манифестација мегдан за автентично разбирање меѓу културите на еден нетипичен, но универзален јазик, истакна Симоновски.

Традиционално на првата фестивалска вечер концерт одржа ансамблот за народни игри и песни „Танец”, а на програмата до 8 јули ќе настапат културно-уметнички друштва од земјава и регионот.

На Балканскиот фестивал досега се презентирани илјадници изведувачи и играорци од повеќе континенти, притоа изразувајќи ја својата отвореност кон културните вредности на другите.

Покровител на Фестивалот е Собранието на Република Северна Македонија, со поддршка на Министерството за култура.

Треба да знаете
Последни објави