Египет бара откажување на аукцијата на 3.000 години старата биста на Тутанкамон

Египет побара од аукциската куќа „Кристис” во Лондон да ја запре денешната продажбата на бистата на момчето крал Тутанкамон бидејќи египетските официјални претставници тврдат дека артефактот бил украден и треба да биде вратен, пренесува „Брејтбарт“.

„Кристис” планира да ја продаде бистата стара повеќе од 3.000 години за околу 5 милиони долари, но египетското МНР се спротивстави на планот.

„Министерството за антиквитети контактирало со аукциската куќа и со УНЕСКО за да ги прекине процедурите за продажба на античкиот артефакт и бара „Кристис” да ги обезбеди документите за сопственоста на артефактот. Освен тоа, Египет го посочува  своето право врз артефактот според сегашните и претходните египетски закони “, објави египетското МНР доцна во средата.

Поранешниот египетски министер за антиквитети, Захи Хавас, исто така, се вмеша во контроверзноста, тврдејќи дека се чини оти артефактот бил украден во 1970-тите од комплексот на храмот Карнак.

Тутанкамон умрел пред повеќе од 3.000 години на возраст од 19 години. Неговите останки биле пронајдени во 1922 година. Бистата од кафен кварцит доаѓа од приватна колекција со античка уметност што од „Кристис“ последен пат ја продале за 3 милиони фунти во 2016 година.

Во соопштението, од аукциската куќа велат дека артефактот не е ниту бил предмет на истрага и нагласуваат дека никогаш нема да стават на аукција предмет за кој има законски проблеми, пренесува Би-би-си.

Од „Кристис“, исто така, објавија хронологија на сопствениците на бистата во изминатите 50 години. Се смета дека бистата прв ја поседувал принцот Вилхелм фон Турн помеѓу 1973 и 1974 година.

Египет во 1983 година воведе закони за забрана на изнесување артефакти од земјата.

Треба да знаете
Последни објави