Пендаровски по добиената оценка од ДКСК ќе постапува по спорните укази потпишани од Иванов

Во Кабинетот на претседателот на државата пред неколку денови е добиена писмена конечна оценка и квалификација од страна на Антикорупциската комисија во врска со дел од спорните укази потпишани од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање каква одлука има донесено за спорните укази на Иванов, денеска појасни дека имале подолга консултација со правните експерти затоа што се работи за укази кои се донесени во изборен период, во изборна кампања, но има и некои други прекршувања на процедурите во тој период.

– Правните тимови во Кабинетот работат. Јас се надевам дека оваа недела ќе излеземе со укази кои ќе одат или евентуално во повлекување на тие спорни укази или во некакви други укази кои ќе значат подобрување на тоа што во тоа време не било во склад со законот. Значи оваа недела очекуваме конечно да постапиме. Време ни требаше, верувајте затоа што се работи за специфична ситуација. Имаше и нов состав на антикорупционата комисија која бараше време да ги испита тие случаи. Да не заборавиме, нивната прва одлука беше да поведуваат постапка за неколку укази, а сега добивме за дел од нив и дефинитивно што мислат конечно како нивни предлог за санкции, така што во тој период беше само поведување постапка. Сега имаме завршени постапки, изјави Пендаровски и додаде дека дури сега може да постапувам за да не прејудицира решенија на ДКСК.

Претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски денеска беше во обиколка на јужната граница, при што го посети и транзитниот центар за бегалци и мигранти, каде се запозна со условите во кои се задржуваат лицата кои тука имаат пристигнато илегално.

Треба да знаете
Последни објави