Search

Реакција на турското МНР за нападот врз мигрантскиот камп во Либија

Властите на Република Турција најостро го осудија воздушниот напад, кој силите лојални на командантот Калифа Хафтар го извршија врз мигрантскиот камп во близина на главниот град на Либија, Триполи, јави агенцијата Анадолија.

– Нападот и убивањето на десетици невини луѓе во кампот, во кој се згрижени непријавените мигранти, е злосторство против човештвото, истакна портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хилми Аксој.

Аксој во писмено соопштение, исто така, наведе дека одговорните за нападот треба итно да бидат пронајдени и изведени пред суд.

– Очекуваме и итна реакција на меѓународната заедница, порача Аксој.

Најмалку 44 луѓе загинаа, а 130 се ранети во воздушен удар врз центар за мигранти во либискиот главен град Триполи, соопшти денеска мисијата на ОН во таа земја.

Според претставник на центарот, нападот бил извршен од силите на Халифа Хатар кои од пред три месеци се обидуваат да го заземат Триполи.

Пратеникот на ОН за Либија Гасан Саламе го осуди нападот, за кој рече дека „достигнува ниво на воено злосторство”.

По нападот, УНХЦР побара мигрантите, кои се обидуваат да го преминат Медитеранот, повеќе да не се враќаат во Либија.

Во Триполи е базирана меѓународно признатата влада на национално единство на премиерот Фаез Сараџ. Во моментот на нападот во центарот имало над 120 мигранти.

Треба да знаете
Последни објави