Search

Во Албанија затворени избирачките места, прелиминарните резултати се очекуваат утре

Избирачките места на локалните избори во Албанија се затворени вечерва, а оценката е дека изборните поминале мирно.

Како што пренесе „АП“, првите прелиминарни резултати се очекуваат утре.

Изборите ги следеа 150 набљудувачи од ОБСЕ, 20 од американската амбасада и по четворица набљудувачки од италијанската и британската амбасада.

На избирачкиот список во Албанија се наоѓаат 3.464.328 граѓани со право на глас, но поради миграцијата реалната бројка е значително помала.

Граѓаните гласаа за претставници на локалните власти во 61 општина за следните четири години.

Опозицијата ги бојкотираше изборите, поради што претседателот Илир Мета најпрво го откажа, а потоа и одложи нивното одржување. Изборите беа причина за конфликтот помеѓу Мета и премиерот Еди Рама. Откако Рама ги закажа изборите, Мета ги откажа и ги помести за 13 октомври, а премиерот го обвини за кршење на уставот и соработка со опозицијата.

Мета како причина за одложувањето го наведе бојкотот на опозицијата, но и стравувањето дека изборите би можеле да предизвикаат нови граѓански немири, откако со месеци во земјата беа одржувани масовни протести за обединетата албанска опозиција.

Инаку, одлуката на албанскиот претседател за одложување на изборниот процес ја отфрли и Централната изборна комисија во земјата.

Треба да знаете
Последни објави