Влијанијата на големите сили врз Северна Македонија и регионот

Влијанието на Русија и Кина во регионот расте, но тоа не е големо во Република Северна Македонија. Кинески компании вложуват во големи инфраструктурни проекти за да наметнат свое влијание врз малите држави. Русија пак наметнува политичко влијание за да ја задржи моќта на Балканот и се противи на неговите евроатлански интеграции. Не изостанува ниту турското влијание и наметнувањето сопствени ставови врз помалите држави, но сепак желбата на Турција е да ја види земјава во НАТО и Европската Унија, онаму каде што и е местото. Ова се забелешките на дел од учесниците на 10. Меѓународна научна конференција „Влијанието на големите сили врз безбедноста на малите држави” што се одржа во Охрид во организација на Факултетот за безбедност од Скопје.

Професорката по национална безбедност Сузан Лофтес од САД посочи дека влијанието на Кина се забележува со се поголемото учество на кинеските компании во инфрастрктурни проекти во регионот, додека Русија се залага за плуралистички режим на споделување на моќта во светот.

– Некои сметаат дека кинеските инвестиции имаат и геополитичка природа, бидејќи се врши влијание врз тие мали држави да ги следат политичките наклоности во регионот и пошироко. Некои од државите во регионот имаат аспирации да станат членки на Европската унија и таквите инвестиции се потребни. Секако кинеските инвестиции се добредојдени бидејќи ЕУ досега не вложувала во такви проекти. Преку плуралистички режим на споделување на моќта во светот Русија сака да го задржи своето влијание во регионот, и се противи на влегување на некои земји во евроатланските интеграции. Нејзините инвестиции повеќе се во енергетиката, забележува Лофтес.

Таа смета дека Русија потфрлила во однос на влијанието во Северна Македонија, бидејќи земјата го реши својот спор со Грција и е на пат кон приклучување во НАТО. Но, смета дека Русија е голем поддржувач на Србија и оти не го признава Косово, како независна држава.

– Русија од секогаш го подржувала принципот раздели па владеј и сее семе на правење раздор во регионот. Западен Балкан е исполнет со разни етнички спорови поради различностите, но според мене веројатноста за сеопфатен вооружен конфликт е мала бидејќи ќе има катастрофални разорни последици, рече Лофтес, заклучувајќи дека ако има одложување на датумот за преговори руското влијание ќе предизвика пропаганда преку медиумите во земјата.

И македонските професори по безбедност Жидас Даскаловски и Никола Дујовски сметаат дека Русија има незначително влијание во земјата и оти местото на Република Северна Македонија е во ЕУ и НАТО.

– Во Македонија минимално е присутно руско влијание, но далеку поизразено е во Србија, како и во други земји членки на НАТО и ЕУ, како Хрватска и Бугарија. Русија има свој стратешки интереси врзани со енергетските коридори. Со таа сила се обидува да влијае на културни размени со стипендии, но тоа е во помал обем од фондовите на САД и ЕУ. Секое одложување на процесите на интегрирање на Македонија во Европската унија дава поголемо влијание на Русија, но и на други големи сили како Кина и Турција, смета професорот Даскаловски од Факултетот за безбедност при универзитетот „Свети Климент Охридски”.

Деканот на Факултетот за безбедност, Дујовски е убеден дека земава во октомври ќе добие датум за почеток на преговори за влез Унијата.

– Силно сум уверен дека во декември ќе биде првата меѓувладина конференција. Без почеток на преговорите неможеме да напредуваме како општество. Заглавени сме во дневните политички препукувања меѓу СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ. Ако дојде до одлагање на датумот за преговори ќе продолжи општеството да тапка во место, другите ќе одат напред, а ние ќе пропаѓаме. Но, сега не е време да размислуваме за такви сценарија, истакна Дујовски.

Тој смета дека и малите држави можат да бидат големи само ако се во нивно друштво.

– Ние нашиот пат го определивме пред 30-тина години. Сега кога сме на самиот крај на тој процес не гледам никаква можност друга поголема сила да се наметнува бидејќи ние мудро трпеливо и од власта и од опозицијата успеавме да ја доведеме државата речиси пред формалното членство во НАТО, додаде Дујовски.

Според него, добредојдени се сите инвестиции во земјава, но патот на земјава е кон НАТО.

– Кинеските инвестиции ги имаме во автопати и слично, но руските сеуште не сме ги виделе, иако Русија освен во гасоводите не инвестира во другата инфраструктура. Но, нашиот пат е кон НАТО. И очекувам многу повеќе инвестиции да има од Германија, Франција .. Тоа се нашите стратешки партнери, не Русија и Кина. Ние сме премали за нив. Тие можат преку нас да си бараат само лични геостратешки интереси, вели професорот Дујовски.

И малите држави треба да имаат слобода за свој избор

Професорот Датиш Парулекар од Индија смета дека малите држави, вклучувајќи ја и Македонија треба да имаат слобода да направат свој избор во однос на надворешно-политичките прашања.

– Како нова земја на Македонија треба да и се даде можност да ја спроведува својата сувереност, бидејќи веруваме во современа самостојност, можност што се дава во правење суверен избор. Во овој комплексен свет на Македонија треба да и се даде можност да игра улога на актер во тие геополитички движења, истакна Парулекар.

Индија, посочи тој, одржува врски со сите новонастанати држави од поранешна Југославија. Смета дека на сите држави треба да им се даде можност самостојно да ги носат своите одлуки, да воспоставуваат врски како што сметаат сами дека треба без влијание на големите западни сили или пак Русија и Кина.

– Бидејќи Македонија се појавува како едно подрачје каде најверојатно ќе допатуваат голем број светски инвестиции, земјата треба да поведе сметка за две работи: финансиската стабилност и одржливост. Никаква инвестиција не смее да ја загрози финансиската самостојност на една земја и треба да се води сметка за одржливоста и опркужувањето, односно животната средина. Значи фискално здравје и одржлива животна средина се од суштинско значење, подвлече индискиот професор.

Забележа дека ова е многу флуидно подрачје со многу актери кои се ангажираат во него и многу поранешни територијални чинители кои влегуваат.

– Токму затоа сметам дека Македонија треба да направи таков избор, каде што нема сите јајца да ги стави во една корпа, односно нема да се приклучи кон еден стратешки партнер, туку ќе воспоставува блиски односи на соработка со многумина од таквите светски играчи. Таква е политиката на малите држави низ светот, каде мултилатералноста и плуралноста на надворешната политика се принцип врз кој ги развиваат своите односи, вели професорот Парулекар.

Турција важен стратешки партнер на Северна Македонија

Врските меѓу Турција и Македонија, според професорката на универзитетот за безбедност во Анкара Селвар Шахин, се многу тесни како историски, така и економски и културни.

– Турција не ја гледа Македонија како партнер само поради историските и културните врски, туку и поради геополитичката положба на Турција на овој регион. Македонија ја согледува како важен партнер бидејќи стабилна и просперитетна држава ќе претставува гарант за стабилноста во регионот. Турција може да обезбеди помош за развој на земјите од регионот преку инвестиции зголемување на капацитетите и реализација на проекти, истакна Шахин.

Таа нагласи дека Турција сака што поскоро да ја види земјава во евроатланските семејства.

Треба да знаете
Последни објави