Search

(Видео) Василевска: Рашковски договарал сомнителен тендер од 7 милиони евра

Драги Рашковски од позиција на генерален секретар на влада договарал сомнителен тендер во висина од 7 милиони евра за набавка на систем за летање преку М-НАВ, рече на прес-конференција Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации од медиумите.

Како што кажа таа, Рашковски заедно со претседател на УО на М-НАВ, инаку близок роднина на министерка во владата на Зоран Заев, се слуша како иако знаат дека датумот за тендерот изминал за 3 дена, го доделуваат истиот на италијанска фирма.

„Наспроти тврдењата на Рашковски дека тендерот е доделен во 2016-та година, М-НАВ го демантира преку официјалната веб-страна каде се гледа дека склучиле договор во 2018-та година. Ако тендерот бил доделен во 2016-та тогаш зошто десната рака на Зоран Заев, Рашковски договара рокови само за да добие оваа компанија“, јавно запраша Василевска која додаде дека Рашковски и претседателот на УО на М-НАВ иако знаеле дека италијанската компанија „Леонардо“ не ги исполнува условите, сепак се договарале со неа.

„Според објавеното во медиумите се чита како Рашковски и претседателот на УО на М-НАВ одат спротивно на одлука на Влада според која се укажува да се оди кон ретерирање, а не да се склучува нов договор, како што тоа подоцна го прават Рашковски и претседателот на УО на М-НАВ“, објасни таа.

Воедно претставничката на ВМРО-ДПМНЕ запраша дали премиерот Зоран Заев знаел за ова и дали и тој се има офајдено од ваквиот скандал.

„Бараме оставка на десната рака на Зоран Заев – Драги Рашковски и итно спроведување на истрага од страна на обвинителството. Вака изгледа вистински заробена држава. Со оглед на тоа дека Рашковски е вршител на должност Генерален секретар на владата и се уште може да влијае на заташкување на случајот и врз доказите и сведоците обвинителството треба веднаш да делува“, нагласи Василевска која порача дека време е Република Македонија конечно да се ослободи од ненародната власт.

Треба да знаете
Последни објави