Search

Купуваме сладолед, добиваме воздух

Лето е, температурите се пеколни и секој од нас за да се разлади посегнува по омиленото слатко задоволство – неговото величество сладолед. Но дали знаете дека плаќате за сладолед, а добивате воздух? Освен млеко и мраз, засладувач или арома, но и цели прачиња на овошје, сладоледот обавезно во својот состав има од 30 до 120 отсто воздух.

Веројатно ви звучи како научна фантастика, но според Правилникот за производство на ова ледено задоволство, ова е суровата реалност. Освен за топка сладодел, плаќате и за воздух. И тоа во зависност од пакувањето. Ако купувате во корнет и на точење, тогаш сте еден од среќлиите бидејќи сте купиле 70 отсто сладолед и 30 отсто воздух. Но ако пак сакете да го имате дома и сте го купиле во кутија или некое друго оригинално пакување, тогаш знајте дека колку имате сладолед, двојно повеќе сте платиле за воздух. Правилникот дозволува зголемување на смесата до 120 проценти.

Според правилникот за млеко и млечни производи донесен пред неколку години како сладолед може да се нарече секој производ кој се подготвува од смеса за сладолед кој потоа подлежи на вдувување воздух и замрзнување.

– Волуменот на сладоледот и сладоледните десерти кои се пуштаат во промет со точење во корнети или слично може да се зголемува до 30 проценти. Додека пак волуменот на сладоледот и сладоледните десерти кои се пуштаат во промет во оргинално паковање може да се зголемува до 120 процети. Зголемувањето на количината се прави со примена на вдувување на воздух како технолошка постапка- стои во правилникот.

Со цел збогатување на производот, при производство на сладолед може да се користат додатоци и адитиви согласно прописите за адитиви.

– Сладоледот и замрзнати десерти се складираат и пуштаат во промет во замрзната состојба на -18°C. Во производството на сладолед, смеса за сладолед и сладоледни десерти покрај основните состојки можат да се користат определени додатоци, како што се: овошје и производи од овошје, природни засладувачи, кондиторски производи- дециден е правилникот. Но малкумина од нас знаат дека во него има и кафе и производи од кафе, житарици и производи од житарици и други производи наменети за хумана исхрана. Но чудно е што правилникот дозволува и зеленчук и производи од зеленчук. Ако при производство е користен еден или повеќе додатоци, производителот треба на декларацијата да го наведе видот и количината. Смесата за сладолед и сладоледните десерти треба да има изедначена боја, својствен мирис и вкус и да има густо течна конзистенција без грутчиња.

Кога купувеме млечен сладолед се надеваме дека е полн со млеко. Но наместо тоа во него има смеса за сладолед со најмалку 2,5 отсто млечна маст и најмалку 2,5 проценти млечни протеини. Остатокот или 26 проценти е сува материја. Каква не е декларирано. Во правилникот единствено е нагласено дека ледениот десерт треба да има изедначена боја, пријатен мирис и освежувачки вкус. Исто така треба да има нежна конзистенција, без грутки и кристали од мраз. При производството протеините и емулгираните масти од млечно потекло се делумно или потполно заменети со протеини и масти од друго потекло. Оваа смеса потоа се подложува на вдувување воздух и на замрзнување. Водениот сладоледен десерт пак е посебна приказна. Овде е битно само да има изедначена боја пријатен мирис и својстве освежувачки вкус. Овде има само вода и воздух. Не треба да содржи масти и протеини освен оние кои се природно присутни во додатоците и адитивите и дозволено е да има најмалку 10 отсто вкупна сува материја или една третина од таа која мора да ја има во млечниот сладолед.

Валентина Ангеловска

 

Треба да знаете
Последни објави