Search

За опозицијата реконструкцијата на Владата е козметичка, за власта одговор на очекувањата од народот

Во вечерниот дел од собраниската седница за реконструкција на Владата пратениците од опозицијата ја обвинија власта дека реконструкцијата што ја предложил премиерот Зоран Заев е само козметичка, а не вистинска промена. Ова, рекоа, покажува дека тие не го чуле гласот на народот. Пратениците од партиите на власт, пак, сметаат дека реконструкцијата е резултат токму на тоа што власта ги слуша граѓаните и оти новите предложени министри ќе продолжат да спроведуваат политики со кои земјата ќе продолжи да се движи напред.

Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека премиерот направил грешка како мандатар кога најавил голема метла во владата и институциите, со што ги зголемил очекувањата на граѓаните. Но, додаде таа, вашата метла се претвори само во „прашко”.

Таа обвини за лоши состојби во економијата и финансиите, а тоа рече, се гледа со фактот што се менува министер за финансии. Дали е добра состојбата може да видите по пазарите, трговските центри или да ви кажат оние кои се занимаваат со бизнис.

-Не се сметам затворен тип, контактирам со граѓаните. Точно е не се среќни. Очекувањата се големи и со право очекувањата се големи. Во вакви околности како и секоја влада, така и нашата се обидува да решава еден по еден од проблемите, реплицираше премиерот Заев.

Притоа тој посочи на решавање на проблемот со стечајците, зголемување на минималната плата, а преку тоа, како што рече, отворање на спиралата на платите. Стимулираме, рече, плаќање на дополнителна работа и во државните институции или компании, во здравството, за секој кој сака да може дополнително да работи и да заработи.

-Целта која ме води да најдеме работни места за невработените и борбата за инвестиции, и домашни и странски, е тоа мотивиравме преку фондот 250 домашни компании кои инвестираа свои сопствени 18 милиони евра, а ние сите тоа го супституиравме со наши пари, 20 милиони евра дадовме само на домашните копмпании, додаде Заев.

Тој потенцираше и дека се прават напори да се обезбедат и преквалификаци и дообуки преку АВРМ, но и преку воведување дуално средно образование со цел да се обезбедат стручни кадри кои полесно ќе најдат работа. Се трудиме, рече, субвенциите за земјоделците да стигнат на време, да се постигнат повисоки цени за откуп. Сето ова, потенцира Заев, покажуваат дека тргна економијата во земјата.

Бетијане Китев од СДСМ смета дека пораката на народот од претседателските избори е примена и оти оваа владина реконструкција е одговор на тоа.

Не може, рече тој, во еден потег да се направи се наеднаш. Промените, додаде, се прават со промена на министри, се направи со промена на партиско ново, а ќе продолжи и преку директорските места.

И неговиот сопартиец, пратеникот Александар Кирацовски, го пофали изборот на новите кадровски решенија во Владата. Смета и дека премиерот Зоран Заев е најлогичен избор да раководи со Министерството за финансии поради неговото искуство бидејќи, како што рече, тој е единствениот премиер досега кој доаѓа од бизнис секторот.

Сурија Рашиди од Алијанса Албанци смета дека реконструкцијата е нормален потег на премиерот поради незадоволството на граѓаните. Но, рече најавената метла, не ги оправдала нивните очекувања. Албанците, потенцира тој, веруваа дека премиерот одлучил да ги отстрани сите за кои имало сомневања за коруптивни и криминални дејства, но рече, тоа за жал не се случило. Премиерот, според него, уште еднаш покажал дека е немоќен пред ДУИ.

На ова реагираше пратеникот Ејуп Аљими, кој потенцира дека Рушиди и неговата партија се занимаваат со клевети. Албанското општество, рече, е многу свесно за кого гласа,  и тоа не може да го смените од оваа говорница и со помош на разни служби. Албанците, додаде, многу знаат како било пред и без ДУИ и како е со ДУИ.

Треба да знаете
Последни објави