Признанија за наставнички од ОУ „Браќа Миладиновци” во Будва

Анета Велковска и Жаклина Ристовска од основното училиште „Браќа Миладиновци” од општина Аеродром се наградени со признание „Најдобар наставник во земјите од поранешна Југославија” на конференција што се одржа во Будва. Конференцијата „Светот на образованието ги брише границите” ја организираше Асоцијацијата ANN EX YU од 30 мај до 2 јуни.

Велковска беше прогласена и за Просветен работник на годината на Град Скопје за учебната 2018/2019 година од Здружението на просветни работници на Град Скопје.

Жаклина Ристовска во Будва доби и сертификат за активно учество на конференцијата и благодарница за помош и поддршка во афирмацијата на наставничката професија преку серија активности, како и сертификат за постер-презентација на тема „Алгоритамско размислување – базична вештина на 21 век” . Во 2015 година таа беше прогласена за Просветен работник на годината на Република Македонија за учебната 2014/2015 година од Сојузот на просветни работници во соработка со Министерството за образование и наука.

Во изминатите години двете се наградени и со други признанија кои им се доделени за високите резултати постигнати во спроведување на целите и задачите во текот на наставата, воннаставните активности и за голем број проекти. Покрај посветеноста на воспитно-образовната дејност, Велковска е и авторка на поезија за деца, а Ристовска е авторка на учебници по математика и на 30 други едукативни книги.

Треба да знаете
Последни објави