И публиката ќе избира најдобра претстава на „Војдан Чернодрински”

 Осум претстави, промоции на театарска литература, трибини и новини ќе понуди 54. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински” што почнува вечер во Прилеп со претставата „Макбет” од Вилијам Шекспир.

Фестивалот ќе биде отворен со доделувањето на наградите за животно дело, на режисерот Владимир Милчин и на актерот Бајруш Мјаку, како и со концерт на театарска музика од виртуозот Влатко стефановски, по што следува изведбата на „Макбет” во режија на Нела Витошевиќ и продукција на МНТ од Скопје.

Според уметничкиот директор на Фестивалот Катарина Коцевска, „Војдан Чернодрински” овојпат ќе донесе и новини – разговори на критиката за секоја одиграна претстава во конкуренцијата за наградите. Прв пат се воведува и награда од публиката.

-Имаме осум претстави во официјалната конкуренција што ни овозможува, по подолг период, да направиме тркалезни маси – разговори по претставите. Секоја вечер, освен по вечерашното отворање кога првите разговори за претставата се утре од 11 часот, по завршувањето на претставата во официјалната конкуренција за наградите се разговорите за одиграната претстава. Втората новина е што годинава се воведува гласање на публиката. За мене тоа е интересно и предизвик, а верувам дека и за публиката ќе биде интересно да си го даде својот глас и да има право на избор на претстава.  По секој „разговор на тркалезната маса” ќе бидат изброени гласовите од публиката, која оценува од еден до пет за одиграната претстава, и ќе се соопшти каква оцена добила претставата од публиката. Сѐ ќе биде транспарентно зашто ќе имаме и претставници од театарот која ја одиграл претставата, рече Коцевска на прес-конференцика.

На крајот публиката ќе ја додели мермерната статуетка со патронот на Фестивалот „Војдан Чернодрински” од градот Прилеп.

Во конкуренцијата за наградите се и претставите: „Бакхи-краток преглед на распадот” во режија на Вук Торбица  на битолскиот театар, „Физика на тагата” во режија на Милош Андоновски на кумановскиот театар, „Животинска фарма” во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на струмичкиот, „Смртта на Дантон” во режија на Дино Мустафиќ на Албански театар, претставата „Пиреј” во режија на Ѓорѓиевски на прилепскиот театар, „На отворено” во режија на Андреј Цветановски на Театар Комедија и претставата „Странци” во режија на Нела Витошевиќ на Драмски театар од Скопје.

Треба да знаете
Последни објави