„Вина од Македонија“: Соработката меѓу ресорното министерство и здружението треба да продолжи

Поради најавата за назначување на друга функција на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, здружението „Вина од Македонија“ изразува голема благодарност и задоволство од соработката и ангажманот на ова министерство, кое во изминатите две години беше раководено токму од господинот Николовски.

Заедничка оценка на членките на Здружението, во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, е дека во изминатиот период министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја унапреди комуникацијата со сите засегнати страни и чинители во лозарството и винската индустријата, покажувајќи вистинско разбирање за предизвиците и потребите со кои се соочуваат овие исклучително значајни гранки од домашната економија.

Соработката на здружението „Вина од Македонија“ со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство постојано се унапредува и продлабочува, што во голем дел се должи и на ангажманот и заложбите на господинот Николовски и неговиот тим. Во изминатиот период двете институции соработуваа во сите сегменти, почнувајќи од подобрување на регулативата, преку креирање на стратегија за натамошен развој на лозарството и винската индустрија, па сѐ до изнаоѓање начини за решавање на големи препреки за пласирање на македонските вина на одредени пазари, но и ефикасна промоција на најпознатите светски вински пазари, што резултира со зголемување на извозните потенцијали на домашната винска индустрија.

Посакувајќи му многу успех на господинот Љупчо Николовски во неговиот натамошен професионален ангажман, членките на здружението „Вина од Македонија“ се надеваат дека воспоставените позитивни практики во комуникацијата и соработката со сите заинтересирани страни, меѓу кои секако се и членките на организацијата, ќе продолжат да се развиваат во континуитет.

И во оваа прилика, здружението „Вина од Македонија“ останува на ставот дека решенијата за сите предизвици во домашната винска индустрија и лозарството треба да се пронајдат преку интензивен дијалог и креирање на долгорочна стратегија за развој на винарството и лозарството на чија реализација сите посветено ќе работат и која ќе обезбеди долгорочен и одржлив развој на домашната индустрија за вино.

Треба да знаете
Последни објави