Заврши проектот за општинско-корисна работа во Кочани

Четиринаесет невработени лица од Кочани, кои учествуваа во проектот „Подај рака” од програмата за општинско-корисна работа денеска ги добија потврдите за ангажманот, што заедно со стекнатото искуство треба да им помогне полесно да најдат работа.

Во изминатите шест месеци тие им даваа услуги од областа на социјалната заштита на деца од предучилишна возраст и на стари и изнемоштени лица, им беа асистенти на лица со хендикеп, а помагаа и во Центарот за донација. Работеа по 20 часа неделно и добиваа нето месечен надоместок од 8.000 денари со платен персонален данок и осигурување.

– Задоволни сме од квалитетот во работењето и посветеноста на сите лица во проектот за општинско-корисна работа, што е добредојдено за граѓаните кои имаат потреба од вакви услуги. Активностите се спроведуваа во селата Грдовци и Оризари, како и во Кочани, при што со услугите за стари и изнемоштени и лица со инвалидност беа опфатени 18 семејства. Во Центарот за донации месечно се опслужуваа 40 семејства, односно над 100 лица, а во училиштата беа вклучени асистенти на четири деца со посебни потреби, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Проектот за општинско-корисна работа „Подај рака” во Кочани се реализираше петта година по ред со финансиска поддршка од УНДП, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика. На локално ниво покрај Општината се вклучија и Центарот за вработување – Кочани, Центарот за социјална работа и невладиниот сектор.

Треба да знаете
Последни објави