Search

Столтенберг и Северноатлантскиот совет: Северна Македонија веќе е дел од трансатлантското семејство

Протоколот за пристапување во НАТО се ратификува со забрзано темпо, а Северна Македонија веќе е дел од трансатлантското семејство. Членството треба само да се формализира по ратификацијата на овој документ од страна на земјите-членки, по што земјата и официјално ќе може да учествува во процесот на донесувањето на одлуките. Договорот од Преспа го одблокира процесот, но клучен фактор 29. сојузници да го потпишат Протоколот биле и досега спроведените реформи.

Ова беа дел од пораките, кои вчера ги упати генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг за време на неговата посета на Скопје, во рамки на која прв пат во земјава дојде и Северноатланскиот совет, највисокото тело на НАТО за носење политички одлули. Советот и Комитетот за интеграција на земјава во НАТО имаа заеднички состанок, кој Столтенберг го означи како историски, а на него беа разгледани процесите во Северна Македонија на насока на усогласување со стандардите на Алијансата.

Задоволство од досега спроведените реформи изрази Столтенберг, особено во делот на безбедносно-разузнавачкиот сектор и одбраната, но напомена дека реформите треба да продолжат,  решенијата да се имплементираат и надградуваат за севкупен просперитет и на земјата, но и на регионот. Порача дека члеството на Северна Македонија, кое се очекува или до крајот на годината или на почетокот на следната, е бенефит не само за земјата, туку и за регионот и за самата Алијанса.

-Важно е да се напомене дека Северна Македонија постигна реформи, поради што и 29-те земји-членки се согласија да го потпишат Протоколот за пристапување, изјави вчера Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, која се одржа по состанок на Северноатланскиот совет со Комитетот за интеграција.

Изрази надеж дека ќе продолжи имплементирање на реформите во сите потребни области, додавајќи оти НАТО високо ги цени овие напори на земјата.

-Оваа наша посета испраќа јасна порака – дека сме подготвени да ве пречекаме во семејството на НАТО. Во февруари го потпишавме Протоколот за пристапување и тоа беше историски момент за вашата земја, додаде Столтенберг.

Нагласи дека откако сојузниците ќе го ратификуваат Протоколот, Северна Македонија ќе стане 30. земја-членка на НАТО.

А премиерот Заев на прес-конференцијата, означувајќи го како голема чест и привилегија состанокот со Северноатлантскиот совет, истакна дека ратификацијата на Протоколот се одвива со забрзано темпо, а Самитот на НАТО во декември во Лондон кога се одбележува и 70-годишнината од Алијансата се гледа како одлична можност симболично да се означи завршницата на интегративниот процес. Напомена дека сепак и доколку не се успее дотогаш да се заврши целата процедура, не е ништо страшно земјата и на почетокот на 2020 да стане 30. членка на Алијансата.

Во врска со можноста Турција да калкулира со ратификувањето на Протоколот, тој нагласи дека оваа земја е еден од нашите најголеми пријатели, а нивните очекувања се кога ќе завршат сите политички изборни процеси да ја отпочнат процедурата за ратификација.

Тој се повика и на изјавата на потпретседателот на турската Влада дека тие продолжуваат со поддршка на нашата земја  и во најкус можен рок ќе го ратификуваат овој протокол.

-Нашите министерства за внатрешни работи,  за правда, соработуваат и за другите отворени прашања, таа соработка продолжува согласно сите меѓународни стандарди, кажа Заев уште еднаш истакнувајќи дека Турција е еден од нашите најголеми пријатели, изразувајќи уверување оти тоа ќе го докаже и овој пат.

Од февруари кога е потпишан Пристапниот протокол за членство на земјава во НАТО, досега го имаат ратификувано 14 земји – членки. Очекувањата се во јуни да влезе во процедура и во САД и да заврши оваа есен. Ратификацискиот процес, заеднички оценуваат надлежните, може да заврши и пред Самитот на Алијансата закажан во декември во Лондон.

Столтенберг за време на дводневниот престој во Скопје постојани ги акцентираше бенефитите кои земјата ќе ги има од членството во Алијансата, не само во однос на безбедноста и заштитата што ќе ја добие, со оглед на тоа што во Алијансата владее, како што рече принципот, еден за сите, сите за еден, туку и во однос на економските придобивки, кои ќе ги имаат граѓаните.

Заев нагласи дека резултатите во економијата се веќе видливи – откако е добиена поканата за членство БДП пораснал за 5,5 проценти, невработеноста е намалена за 7,5 проценти, индустријата бележи пораст од 8,8 проценти, а платите пораснале за 6,1 процент.  Странските инвестиции, според Заев, постигнале нов рекорд во државата од 625 милиони евра или трипати поголем од просекот во последните осум години, а двојно поголем од најдобрата година досега.

Ова беше прва посета на Столтенберг и високи претставници на НАТО на земјава по потпишувањето на Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата. Северноатлантскиот совет е главно политичко тело кое ги носи одлуките во НАТО. Советот ги надгледуваа политичките и воените процеси во врска со безбедносните прашања што влијаат на целата Алијанса. Го сочинуваат претставници на сите земји членки, а претседавач е генералниот секретар.

Специјалниот авион на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг слета завчера на Меѓународниот аеродром Скопје, а за околу еден час и вториот авион во кој беа амбасадорите на земјите членки на НАТО, односно Северноатланскиот совет (НАК), со нивните придружни делегации.

На аеродромот беа пречекани од висока владина делегација по што се упатија кон Собранието на Република Северна Македонија каде се одржи свечен прием во нивна чест. Столтенберг вчера беше пречекан пред платото на Владата со највисоки државни и воени почести, а потоа имаше тет-а-тет средба со премиерот Заев. 

За време на престојот во Скопје тој беше примен и од претседателот Стево Пендаровски, кој го увери првиот човек на НАТО дека како претседател на Северна Македонија во него и неговиот тим има партнер и поддржувач на се она што е и ќе биде регионален и глобален приоритет на Алијансата.

Треба да знаете
Последни објави