Столтенберг: За борба против лажните вести неопходни се слободни медиуми

Најважното нешто што треба да го направиме за борба против лажните вести е да се осигураме дека се придржуваме до демократските вредности на кои се заснова Алијансата – демократијата, владеењето на правото, индивидуалните слободи и слободни медиуми кои не треба да бидат жртви на пропагандата, туку треба да ги обезбедат фактите.

Ова го порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во одговор на прашање на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по завршувањето на состанокот на Североатланскиот совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и министри од Владата што денеска се одржа во Скопје.

-Имаме факти, имаме отворена дебата, а за тоа ни се потребни исто така и слободни медиуми. Потребни ни се новинари кои ќе ги проверуваат своите извори, медиуми кои ќе имаат различни ставови за иста тема и кои ќе разгоруваат отворена дебата, рече Столтенберг.

Видовме во неколку НАТО сојузнички, додаде, дека користењето на социјалните медиуми и ширењето пропаганда се всушност алатки кои треба да ги поткопаат демократските институции и се мешаат во домашните политички процеси и тоа не е прифатливо.

-Треба да одговориме преку одбрана на нашите сајбер мрежи, но дел од реакцијата е и да се одговори на пропагандата и на лажните информации што ги гледаме. Убеден сум дека најдобриот одговор на лажните вести и пропаганда е ширењето на фактите и вистината зашто на крајот тие ќе преовладаат. Северна Македонија покажа дека е способна да надмине сериозни тешкотии и сега имате посилна демократија. Спроведовте слободни и фер избори, имате отворена дебата и имате новинари кои поставуваат потешки прашања како што всушност треба и да прават новинарите во едно отворено општество, порача Столтенберг.

Премиерот Зоран Заев посочи дека вистинските вредности на НАТО се владеење на правото, севкупните слободи и права и демократските процеси меѓу кои и слободата на медиумите.

-Како идна земја-членка на НАТО комплетно ќе бидеме адаптирани со се што претставува позитивно искуство од нашите партнери од Алијансата, но ни треба и соработката со медиумската заедница. Верувам дека ќе ја имаме за сите заедно да придонесеме да бидеме уште подобро демократско општество за сите, порача Заев.

Нагласи дека е горд што успеавме за една година слободата на медиумите да ја поместиме од 109. место на 95. и додаде оти верува дека уште многу треба да работиме за да го подобриме тоа.

-Но, слободата на медиумите ги носи лажните вести. Ги следиме сите процеси кои НАТО ги почнува. Како земјите-членки се подготвуваат и даваат успешни модели, така и  ние ги применуваме. МВР, МО, МИОА и Министерството за правда веќе работат на сајбер секјурити, а еден дел го работиме и заедно со ЗНМ. Веруваме дека вистинските факти преку брза  реакција на институциите се најголемата алатка за борба против лажните вести и ќе продолжиме на тој начин да бидеме респонзивни и брзо да реагираме со вистинските факти зашто лажните вести некогаш можат да нанесат голема штета на одредени процеси, личности и институции, истакна Заев.

Треба да знаете
Последни објави