Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура

Во Охрид денеска ќе почне Дванаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура на тема „Отворени врати за менување на платежниот пејзаж” што ја организира Народната банка на Република Северна Македонија во соработка со Банката на Холандија.

На тридневната конференција, која традиционално има меѓународен карактер, со свои презентации ќе учествуваат претставници на Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и Банката за меѓународни порамнувања (БИС),како и претставници на централните банки што му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки и на централните банки од регионот на Западен Балкан и Црното Море.

Тие ќе споделат мислења и ќе дискутираат за најновите светски трендови во областа на плаќањата и предизвиците за нивната примена. Според конференциската програма, на настанот ќе бидат споделени експертски гледишта за повеќе клучни прашања поврзани со промените во правната рамка за платежната сфера во Европската Унија, најновите платежни решенија управувани од финтек-компаниите, отвореното банкарство, развојот на инстант плаќањата, дигиталните валути и крипто-средствата. Во рамки на Конференцијата ќе биде одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек ќе говорат за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата.

Конференцијата ќе ја отвори гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по што со своe излагањe ќе се обрати и Михил ван Дуверен од холандската централна банка. Во текот на првиот конференциски ден, свои излагања ќе имаат и претставници на повеќе централни банки од евросистемот, како и претставник на ЕЦБ.

Треба да знаете
Последни објави