Search

Москва ги негира тврдењата дека ги повлекла воените советници од Венецуела

Рускиот амбасадор во Венецуела, Владимир Заемски, ги отфрли извештаите за повлекувањето на руските воени специјалисти од оваа латиноамериканска земја, пренесува „Спутник“.

„Ова е уште една вест што нема апсолутно никаква врска со реалноста. Мисијата се изведува во согласност со постојните обврски, а нема никакви разговори за какви било кратења на мисијата“, рече Заемски.

Претходно, „Волстрит џурнал“ објави, наведувајќи лице блиско до руското Министерство за одбрана, дека „Ростек“, голем конгломерат од стратешки важни компании, вклучувајќи ги и одбранбените и високотехнолошките фирми, кој е ангажиран во обуката на венецуелската војска, го намалил својот персонал во Венецуела од речиси 1.000 пред неколку години на неколку десетици денес.

Американскиот весник тврдеше дека повлекувањето руски советници е срам за венецуелскиот претседател Николас Мадуро, како и знак дека Русија ја мери политичката и економската отпорност на Мадуро против растечкиот притисок од САД.

Претходно, во понеделникот, прес-службата на „Ростек“ објави дека „Волстрит џурнал“ неколкупати го преценил бројот на вработени од „Ростек“ во Венецуела и дека тој број, всушност, е непроменет со години.

„Што се однесува до техничките експерти, тие доаѓаат во земјата одвреме-навреме со цел да ја поправат претходно испорачаната опрема и да обезбедат техничко одржување“, додаваат од „Ростек“.

Треба да знаете
Последни објави