Search

Метеоролозите предвидуваат топлотни бранови во цела Европа

Летото веќе почна, а во некои делови на Европа минатиот викенд температурите се искачија до 30 Целзиусови степени. Велика Британија, Франција, Португалија и Шпанија минатиот викенд се соочија со топлотен бран иако метеоролозите прогнозираат дека температурите повторно ќе паднат следната недела.

Топлотните бранови би можеле да бидат тренд ова лето во Европа според летната прогноза за 2019 година. Во Франција, Шпанија и во Португалија се можни температури и до 40 Целзиусови степени.

„Метео Франција“ пишува дека Европа и Франција ќе се соочат со повисоки температури ова лето, а државната метеоролошка агенција на Шпанија издаде предупредувања за високи температури во делови од Андалузија во текот на викендот.

Топлотните бранови и сувото време во Европа би можеле да стават неколку земји во ризик од шумски пожари, а северниот дел на Португалија, Шпанија и Алпите се под најголем ризик, покажуваат прогнозите за ова лето.

„Високите температури може да достигнат 40 Целзиусови степени во делови од јужна и источна Франција од јули до почетокот на август“, изјави Тајлер Ројс, експерт за температури.

„Метео Франција“ предвидува дека сушните услови може да влијаат и на северните делови на Европа.

Треба да знаете
Последни објави