„Учителот и неговите ученици“ – изложба во МКЦ

Во чест на седумдесет и седмата годишнина од раѓањето на еден од најважните македонски сликари, Владимир Георгиевски, вечерва во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ќе се отвори заедничка изложба на дела на Георгиевски и на шест негови поранешни ученици, а сега активни творци во областа на визуелните уметности: Никола Пијанманов, Наташа Милованчев, Наташа Божарова, Марија Панчевска Маринчиќ, Ана Андроска и Марина Убавкова.

Изложбата го истражува влијанието што учителот го втиснал во творештвото на неговите ученици, како и особеностите што учениците ги развиле независно, во текот на нивниот творечки век. Двонасочната размена на лични убедувања, ставови и однос кон вештините на занаетот ќе биде прикажана преку сопоставување на делата на Георгиевски со делата на останатите учесници. Ваквата размена отсекогаш била призма низ која најјасно се воочува суштината на односот помеѓу учителот и неговите ученици.

Или, со зборовите на Владимир Георгиевски: „Света задача на учителот е да му помогне на ученикот да допатува до себеси, до својата личност, до своето Духовно Царство. На тој пат, учителот не му го придржува или поткрева крстот на ученикот што самиот го одбрал. Не! Тој му помага да ја прифати неговата земна и небесна тежина. Само низ таа магија на воспитувањето, ученикот ќе го насети сопственото воскресение.

Учителот не суди и не обвинува; не пророкува; тој со своето битие бдее над својот ученик и над неговата личност…“

За Никола Пијанманов, кураротот на оваа изложба и еден од нејзините учесници, изложбата претставува „еден вид мини ретроспектива на творештвото на професорот Георгиевски со дела создадени во различни медиуми, но овој пат распоредени во една синтеза и компарација со влијанијата што ги изврши неговата уметност директно или индиректно врз неколку генерации ликовни уметници во земјата. За изложбата бирани се дела од творештвата на уметниците, кои барем во еден извесен период во своите творечки фази престојувале во ателјето на Владимир Георгиевски и биле инспирирани од естетиката и философијата на неговите дела.“

Изложбата, која ќе трае до 18 јуни, прикажува триесетина слики, цртежи и релјефи. Финансиски е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а реализирана од Здружението за култура и развој на креативни индустрии „Транзен“, во соработка со Младинскиот културен центар во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави