Полесен пристап до правна помош неопходен за владеење на правото

Доброто функционирање на системот за правна помош е неопходно за секое општество кое се заснова на владаеењето на правото, а со тоа и на секоја земја членка на ЕУ, но и земја кандидат за членство. Потребно е на ранливите категории, како и жртвите на насилен криминал да им се овозможи побраз и полесен пристап до правна помош, затоа што пристапот до правна помош е едно од фундаменталните човекови права.

Ова се ставовите на дел од учесниците на денешната промоција на проектот за правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела  имплементиран од страна на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во партнерство со СОС Детско село Македонија. Главната цел проектот е да се подобри пристапот до правда за жртвите на насилни кривични дела преку воспоставување на национален сервис за правна и психо-социјална поддршка. Специфични целни групи за сервисот за  поддршка на жртви на насилни кривични дела се: деца, лица со попреченост, постари лица и жени.

Фреек Jанмаат, претставник на Делегацијата на ЕУ во Скопје вели дека Македонија е една од земјите членки на Совет на Европа која издвојува најмалку средства за правна помош и оти тоа треба да се промени.

Сепак, додаде, добро е што земјата покажува постојана определба за унапредување на правиот систем, поради што се очекува сите реформи во оваа сфера и проекти како овој да овозможат побрз и полесен пристап до правна помош, правда, и подобра поддршка на жртвите на насилен криминал. Системот кој ќе биде избран, според него, треба да се прилагоди на земјата во која ќе се применува, оти, вели, нема универзално решение за сите земји.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски вели дека Министерството постојано работи на унапредување на законските решенија кои ќе ја подобрат состојбата во ова сфера.

За таа цел, рече заменик-министерот Ристовски, потребна е заедничка соработка на сите чинители во општеството кои работат на прашања поврзани со оваа сфера.

Претседателот на МЗМП, Зоран Дранговски смета дека овозможување на ваков тип помош и поддршка е неопходно, поради тоа што, како што рече, во период кога се стремиме да одиме напраед не е добро да останат граѓани многу зад нас. Таквите лица, рече, треба да ги идентификуваме, да ги зајакнеме преку правна заштита и да им овозможиме да чекорат заедно со другите.

Целни групи на денеска презентираниот проект се деца, лица со попреченост, стари лица и жени жртви на насилни кривични дела. Се очекува во рамки на проектот 480 лица жртви на насилни кривични дела да добијат правна иформација, 240 сеопфатно правно советување, 120 психо-социјална помош. За таа цел во рамки на проектот ангажирани се 16 адвокати и осум стручни лица.

Проектот е финансиран од Европската Унија преку Министерството за финансии на РСМ – Секторот за централно финансирање  и склучување договори.

Треба да знаете
Последни објави