Search

Заев: Го добивме најпозитивниот извештај, подготвени сме за почеток на преговорите

Денеска го добивме најпозитивниот извештај досега откако сме земја кандидатка за членство во ЕУ. Добивме чиста препорака од Европската комисија за почеток на преговорите, истакна премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на дебата по презентацијата на извештајот за напредокот на земјата на патот кон Европската Унија.

„Заслужуваме да се израдуваме и да им честитаме на сите: Владата, Собранието, сите политички партии и групи што се вградија во уставните измени и реформите, целото општество, граѓаните. Сработивме многу и имаме резултат“, рече Заев. Тој му заблагодари и на амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Самуел Жбогар, како и на целиот тим на делегацијата на ЕУ во нашата земја, кои, како што рече, несебично учествувале во поддршката на остварувањето на овие резултати.

Заев нагласи дека со задоволство ги примиле сите позитивни оценки што доминираат во извештајот, но со внимание ги прифаќаат и конструктивните забелешки.

„Покажавме дека сме подготвени да носиме храбри, историски одлуки и да покажеме политичка зрелост и европски манири. Нашето време во чекалницата го искористивме за да се подготвиме за преговорите за пристап. Денес сме подготвени и политички и институционално. По оваа препорака, набргу ќе го комплетираме и тимот за преговори, а при крај сме и со техничкиот подготвителен скрининг за сите поглавја. Нашите задачи ги исполнивме од прва до последна и целосно сме подготвени за почеток на преговорите. Сега на потег се државите членки и институциите на Европската Унија. На потег е Европа да испорача. Силно веруваме дека заслужуваме одлука и доверба, што ЕУ ќе ја донесе врз основа на нашите заслуги“, нагласи Заев.

Додаде дека испораката на јасен став за почеток на процесот на преговорите со отворање на поглавјата е од интерес и на Европската Унија.

„За улогата на ЕУ како глобален играч, за нејзината надворешна политика, за идните перспективи на регионот. Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан“, заклучи Заев.

Треба да знаете
Последни објави