Search

Се бара дилерот на Павле – нелегалниот бизнис легален за него и неговите клиенти

Иако пратеникот Павле Богоевски денеска бил во Јавното обвинителство да се пријави дека набавувал масло од канабис за негов близок пријател, според извори на „Фокус“ во скопското Обвинителство одбиле да му земат исказ на Богоевски и да покренат постапка, бидејќи сметаат дека нема кривично дело во случајот.

Наводно, обвинителство не може да покрене постапка во случајот со Богоевски бидејќи нема докази кои би докажале дека пратеникот на СДСМ навистина набавувал марихуана. Содржината на снимката, пак, не би можела да се употреби како доказ, бидејќи не упатува на ништо.

Но, бидејќи Богоевски рече дека снимката како разговара на телефон ја направил таксист додека се возел во такси, ќе се истражува и неовластеното снимање.

Предметот е во фаза на предистражна постапка. По напатствија на обвинител се прават проверки преку МВР за утврдување на идентитетот на сопственикот на профилот на кој се објавени снимките и на руската социјална мрежа. Тоа треба да се направи од страна на МВР, како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторител на кривични дела – вели за „Фокус“ шефот на скопското Јавно обвинителство, Сашо Рајчев.

И според адвокатот, Алексндар Тортевски, истрага треба да се отвори за објавувањето на разговорот и за таксистот, кој, како што тврди Богоевски, неовластено го снимил разговорот што тој го водел на телефон.

Но, според Тортевски, Обвинителство има основ да покрене постапка со тоа што Богоевски призна дека набавувал масло од канабис. Богоевски непромислено избрзал со признанието, поради што сега ќе мора да сноси одговорност.

Ако пред јавен обвинител го повтори тоа и ако сестра му потврди дека некое време добивала масло од канабис од него, тогаш тоа е веќе сигнал за кривично дело со кое се предвидува минимум една година затворска казна. Отежителна околности е тоа што Павле е пратеник. Како носител на јавна функција има поголема одговорност, има познавање на законите, а треба и да биде пример за останатите граѓани, вели адвокатот во изјава за „Фокус“.

И од СДСМ очекуваат надлежните институции да го разоткријат случајот со незаконското снимање, но и емитување на снимката на социјалната мрежа од профил со псевдоним „Илија Громовник“.

Очекуваме сите надлежни и засегнати институции да постапат и да го разрешат случајот, особено и околу неовластеното снимање и емитување, рече портпаролот Костадин Костадинов.

Јавноста, пак, е во потрага по дилерот кој може незаконски да продава „масло од канабис“, а притоа никој да биде казнет – ни тој, ни неговиот клиент.

 

Треба да знаете
Последни објави