Search

Литванија: Науседа и Симоните одат во вториот круг од претседателските избори

Во вториот круг од претседателските избори во Литванија одржани вчера, според првичните резултати, влегуваат економистот Гитанас Науседа и поранешната министерка за финансии Ингрида Симоните.

Тоа го покажуваат прелиминарни резултати врз основа на преброените гласови од 1.631 од вкупно 1.972 избирачки места.

Во првиот круг, Науседа освои 31,2 отсто од гласовите, а Симоните 27 проценти.

На актуелната претседателка, позната како балтичката „железна дама”, Далија Грибаускајте, и истекува вториот петгодишен мандат и не се кандидираше поради уставните ограничувања.

Претседателот на Литванија има надлежности да назначува судии, државен обвинител и директор на централната банка. Тој има можност да користи вето за закони и да ја обликува надворешната и безбедносната политика во соработка со Парламентот.

За време на гласањето, граѓаните, исто така, се изјаснуваа за уставниот амандман, со кој би им се овозможило на илјадниците Литванци, кои живеат во странство да имаат двојно државјанство.

Треба да знаете
Последни објави