Search

Авто плус Стрит шоу: Изложба на автомобили во срцето на Скопје

Вљубениците во автомобилите денеска имаат можност да погледнат стотина модели автомобили од петнаесетина брендови на изложбата Авто Плус Стрит Шоу, што се одржува на булеварот Илинден, на потегот од Зоолошка градина до Детскиот културен центар „Карпош“. Изложбата ја отвори градоначалникот Шилегов.

  • По 13 години без саемска манифестација во автоиндустријата, во Скопје конечно се одржува изложба на автомобили. Главната цел е да се приближат еколошките и технолошките достигнувања до граѓаните, како и да се презентираат нови дизајни и карактеристики, сево ова во насока на подобрување на безбедноста во сообраќајот. Авто Плус Стрит Шоу денеска ќе претстави над 100 модели автомобили, а на мое огромно задоволство ќе видиме и целосно електрични и хибридни модели – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека Град Скопје работи на стимулирање на граѓаните да купуваат електрични автомобили преку обезбедување просторни услови за полнење.

  • Дополнително обезбедивме бесплатно паркирање на местата означени за полнење електрични автомобили, додека се полнат. Поставени се 8 полначи на територијата на Скопје и уште 7 полначи се во постапка на поставување. Полнењето на автомобилите на овие полначи e бесплатно. На пазарот во Скопје се почесто среќаваме продажба на електрични велосипеди, скутери и тротинети. Возниот парк на Град Скопје освен електричен автомобил, вбројува и електрични скутери и велосипеди кои градската администрација редовно ги користи – нагласи Шилегов.

Освен автомобили, посетителите на изложбата денеска имаат можност да погледнат и да се запознаат со новите производи од придружната индустрија – гуми, акумулатори и автогалантерија.

Авто Плус Стрит Шоу е во организација на најстарата и водечка месечна автомобилска ревија во македонскиот медиумски простор – Авто Плус.

 

Треба да знаете
Последни објави