Вориорси без Дурант во евентуалната мајсторка со Рокетс

Повредата на листот на левата нога ќе го оддалечи Кевин Дурант од остатокот на полуфиналната серија на Западната конференција, информираа од „Голден Стејт“.

Дурант се повреди во петтиот натпревар од серијата против „Хјустон Рокетс“. Претрагите ја потврдија првичната дијагноза за истегување на мускулите па од клубот најавија дека Дурант повеќе нема да игра оваа недела. Тоа значи дека ако се игра седми натпревар од серијата, кој е закажан за во недела, Дурант ќе го пропушти. Наредната проценка за неговата состојба ќе биде извршена следната недела.

-Треба да најдеме некој од клупата кој ќе ни носи 35 поени, 2, блокови, 11 скока и 9 асистенции. Тој е најдобриот играч во НБА во плејофот, тој беше феноменален и затоа ова е секако огромна загуба, но нашиот тим има голема доверба и играчите веруваат едни на други, коментираше тренерот на актуелниот шампион, Стив Кер.

Неговиот тим во моментов води во серијата против „Рокетс“ со 3: 2.

Треба да знаете
Последни објави