Search

На португалската актерка Мариа До Сеу Гера во Ресен ќе ѝ биде врачена наградата Актер на Европа 2019

Добитник на престижното признание Актер на Европа 2019, е легендарната португалска театарска и филмска актерка Мариа До Сеу Гера и основач на култниот театар „Барака“ од Лисабон, соопштија градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски и Јордан Плевнеш, претседател на Уметничкиот совет на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, во чест на 9 мај – Денот на Европа.

Португалската актерка ќе пристигне во Македонија на 5 јули годинава во придружба на поголоем број културни работници од Португалија и екипа на Португалската радио-телевизија РТВ.

Вечерта, на 6 јули во Сарајот во Ресен, на свечената церемонија по повод отворањето на фесетивалот „Актерот на Европа“, со ексклузивна проекција на специјалниот документарен филм од сите нејзини театарски и филмски креации, ќе и биде доделена оваа меѓународна награда.

„Во нејзиното писмо до Гошаревски и Плевнеш, таа истакнува дека е пресреќна што ќе го открие меѓуграничниот европски парк на Преспанското езеро и Македонија, и воедно е почестена што нејзиното име ќе биде запишано во европската културна меморија, заедно со такви актерски величини, како што се досегашните добитници: Љуба Тадиќ од Србија, Брус Мејерс од Велика Британија, Марсел Бозоне од Франција, Милена Зупанчич од Словенија, Ана Патерсон од Шведска, Раде Шербеџија“, соопштија организаторите на фестивалот.

Годинава на 17 издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ (6-11 Јули), на повеќе локации во Преспа, ќе настапат реномирани театри од Балканот и Европа, а посебен куриозитет е тоа што, како што објаснуваат организаторите, наспроти апелот на градоначалникот Гошаревски и на многу истакнати имиња на европскиот театар, Министерство за култура одлучило да не го поддржи единствениот меѓународен културен фестивал во регионот.

Треба да знаете
Последни објави