Search

Во Струга симпозиум за состојбите на археолошките локалитети

Состојбите со локалитетите во Македонија, потребата и динамиката за работа и нивна заштита ќе бидат разгледани на 24. симпозиум на Македонското археолошко друштво што од денеска до 10 мај се одржува во Струга.

Директорката на Управата за заштита на културно наследство Елеонора Петрова-Митевска на отворањето на симпозиумот истакна дека ќе бидат презентирани податоците од последните истражувања во сите сфери од праисторијата до средниот век.

– Тоа ќе помогне колегите да се запознаат меѓу себе со материјалот што го истражиле последните години. Секогаш има нови истражувања и нови податоци кои може да помогнат во формирање на заклучоците за историјата на нашата земја или одреден регион, истакна Петрова-Митевска.

Струга, според неа, била избрана за локација на симпозиумот, токму поради тоа што располага со богати археолошки локалитети.

– Струга е едно од најблагодатните места во археолошка смисла, не само заради фактот што тука има неколку значајни праисториски локалитети, како „Уста на Дрим”, кој е истражуван пред повеќе децении или Враништа, каде има праисториско наоѓалиште, подводниот локалитет Врбник за кој се надевам дека годинава ќе може да се продолжи со истражувањата…, рече Петрова-Митевска.

Присутните ги поздрави и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој посочи дека секогаш ги поддржува ваквите настани и очекува дека ќе произлезат теми кои ќе придонесат за поголема афирмација на градот. Тој забележа дека во Струга под заштита се ставени руинирани објекти, каде воопшто нема археолошки наоѓалишта.

– Бараме да ни се даде дозвола, општината ќе плати археолози да направат истражувања и да ги ослободиме местата каде што нема археолошки остатоци и да не го блокираме развојот на градот, рече Мерко.

Сите научни сознанија, проблематики и анализи од 24. симпозиум, според претседателот на Македонското археолошко друштво Александра Папазовска, треба да бидат публикувани и пласирани надвор, преку што државата ќе го претстави своето културно и археолошко наследство.

– Идејата е да се презентираат резултатите и богатствата што ги има одреден регион. Охридско-струшкиот регион изобилува со локалитети. Има 50 –тина локалитети каде активно се работи или се работело изминатите децении, некои и се добро познати на јавноста, но струшките локалитети не беа така јавно афирмирани во јавноста. Целта ни беше да се стави акцент на овој регион кој има што да покаже, нагласи Папазовска.

На симпозиумот предвидено е да се дебатира на повеќе теми меѓу кои се историја на археолошките истражувања во Струшкиот регион и Охридскиот регион, за историските наоѓалишта во Охридско-струшкиот регион, за подводната археологија, за археолошки истражувања на повеќе региони, за истражувања на Стоби во периодот 2015-2017…

Треба да знаете
Последни објави