(Видео) Мицкоски во Куманово: На 5 мај ќе се отвори можноста за ставање крај на СДСМ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се обрати пред граѓаните во општина Куманово, во кумановската населба Рајкова Куќа, каде што посочи дека на 5 мај ќе се отвори можноста за конечно ставање крај на СДСМ и политичарите што со децении во Куманово ги лажат и манипулираат граѓаните.

„Дојде денот кога ќе се стави крај на оние политичари што со децении ветуваат, а ништо не исполнуваат овде во Куманово. Ќе се стави крај на оние политичари што со лаги и измами битисуваат сето ова време на политичката сцена во Република Македонија. 5 мај е тој ден, а истата таа жар, истата таа мотивација, истата таа храброст, денеска ја гледам во очите на граѓаните, подготвеност и одлучност на 5 мај да се стави крај и на Максо, да се стави крај и на Оливер“, рече Мицкоски од Куманово.

Тој додаде дека кумановци се разочарани од градоначалникот на Куманово од СДСМ, Максим Димитриевски, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, бидејќи, како што рече, наместо да работат за обезбедување подобри услови, исполнување на проектите за кои се избрани и решавање на проблемите на сите граѓани во Куманово, тие ги уценуваат да гласаат за Стево Пендаровски условувајќи ги дека само така ќе им асфалтирале некоја улица, што претставува потценување на народот.

„Наместо да си ја работат работата за која се платени, за која уживаат секакви привилегии со години, тие по принципот на нивниот ментор Заев, по принципот на Мирчо свињарникот, наместо да излезат со механизација, со проекти, решенија за проблемите бидејќи тоа е во надлежност на Општината, тие излегуваат овде и велат – гласајте за Стево ако сакате да ви ја асфалтираме улицата. Поголемо понижување, поголемо омаловажување во 21 век, зарем постои? Овие луѓе ќе бидат казнети. Изборите се можност за тоа. Заедно со народот да се избориме за правда за Македонија“, рече Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави