Search

Документарни филмови посветени на браќата Манаки во Кинотека

Два документарни филмови посветени на браќата Манаки ќе бидат прикажани во Кинотека на 30 април.

30 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18 часот
МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ
(Manaki – Story in Pictures)
Документарен филм, Македонија
2017/2018, 70 мин., црно-бел/колор, ДСП
Режија: Роберт Јанкулоски
Сценарио: Илинденка Петрушева, Роберт Јанкулоски
Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија туку и во поширокиот балкански контекст.
Од оваа причина, секој факт и мислење презентирани во филмот МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работа од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 50 денари

30 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20 часот
СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ
(Frații Manakia. Jurnalul unei lungi priviri înapoi / The Manakia brothers. Diary of a long look back)
Документарен филм, Романија
2017, 90 мин., црно-бел / колор, ДСП
Сценарио и режија: Елиза Здру (Eliza Zdru)
Идејата на авторката Елиза Здру да направи документарец како СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ се родила на многу интересен начин. Елиза пронашла стара фотографија од своите предци од 20-тите години на минатиот век, која, иако немала потпис, многу потсетувала на стилот на браќата Манаки. Истражувањето околу семејната фотографија постепено се испреплетувало со приказната за животот и делото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, а Елиза документарецот, освен во Романија, го снимала и во Грција, Бугарија и во Македонија.
Дел од документарецот го снимала на улиците на Битола, а во 2017 СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ ја имаше честа да биде прикажан на Интернационалниот филмскиот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“. Говорејќи за искуството од снимањето на филмот, Здру истакнува дека во Романија, Грција, Бугарија и во Македонија, каде што истражувала и го реализирала СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ, слушнала дека браќата Манаки си припаѓаат единствено сами на себе, тие се пионери на кинематографијата на овие простори.
Критичарите ѝ предвидуваат професионален успех на Здру поради нејзиниот студиозен и креативен пристап во СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 100 денари

Треба да знаете
Последни објави