Search

Промоција на третото издание на новелата „Ласа”

Во просторот „Булевар на книгите” на издавачката куќа „Матица Ексклузив”, в среда, на 24 април, ќе се одржи промоција на третото издание на новелата „Ласа” на авторката Наташа Димитриевска Кривошеевa.

Книжевното дело „Ласа”, кое првично излезе во 2010 година, овој пат е збогатено со куса рецензија, како предговор на сега веќе покојниот академик Ташко Георгиевски, што на ова трето издание му додава посебен шарм и вредност. Книгата е надополнета со уште еден дел кој најмногу наликува на божикен и велигденски бележник за уште грст нежни и емотивни спомени, а во неа се поместени и некои од највпечатливите и најзначајни оценки, белешки и коментари на читателите за „Ласа”.

Авторката посочи дека поводот за реиздание на „Ласа” е 10-годишнината од смртта на нејзината мајка, нагласувајќи дека нејзина улога е да ја промовира книгата што всушност ја напишала нејзината мајка.

– Приказната е иста. Таа не се менува, оти е вистинска. Сменета е корицата, а книгата е дополнета со рецензијата на чичко Ташко, моите обраќања до неа во овие десет години, и коментарите на тие што ја читаа „Ласа”. Исклучително емотивна, вистинска приказна од почеток до крај. Во суштина, претставува своевиден прирачник за односот мајка-ќерка, кој, во третото издание, ќерката (авторка на книгата) уште повеќе го продлабочува, па така емотивната исповед добива нова димензија и на делото му додава сензибилизирана перспектива на разбирање на две мајки, наведе Димитриевска Кривошеева.

Во предговорот академик Георгиевски го оквалификува делото како „потресна исповед и на мајката и на ќерката”.

Наташа Димитриевска Кривошеева, освен на „Ласа”, автор е и на уште две книжевни изданија – кусите романи „Девојко мала” и „Пинокио и вештерката”.

Треба да знаете
Последни објави