Search

(Видео) На Истра откриено праисториско пештерско сликарство

Во Ромуалдовата пештера на Истра откриени се пештерски цртежи од палеолитскиот период, стари повеќе од 30 илјади години, пренесува агенцијата „Танјуг“, повикувајќи се на „Јутарњи лист“.

Според информациите, овие цртежи прикажуваат слики од бизон, кози и човечки фигури.

Станува збор за првите пештерски цртежи пронајдени во Хрватска, а откритието беше претставено од страна на научниците Дарко Комшо од Археолошкиот музеј на Истра и Ивор Караваниќ од Одделот за археологија на Филозофскиот факултет во Загреб, во рамки на априлското издание на археолошкото списание „Антиквитет“, пренесува N1 Загреб.

Ромуалдовата пештера се наоѓа на Истра, во општината Канфанар. Долга е стотина метри и е позната по легендата дека во неа престојувал свети Ромуалд и по тоа што во неа се откриени материјални остатоци од неандерталци, од периодот на средниот палеолит.

За прв пат пештерски цртежи беа откриени во 2010 година, кога Комшо нашол цртежи направени со црвена боја на ѕидовите на пештерата и претпоставил дека припаѓаат на палеолитскиот период, а сега тие претпоставки се и официјално потврдени.

Во пештерата се забележани 44 слики, од кои се истакнуваат неколку цртежи, кои претставуваат бизон, дивокоза, шематски прикази на луѓе и триаголници.

На Балканот, праисториски прикази на фигури се откриени само во пештера во Романија и во пештера во Босна и Херцеговина, но таму станува збор за апстракни форми и фигуративни прикази.

Треба да знаете
Последни објави