Search

Илјада мигранти го напуштија привремениот камп кај Диавата

И последната група мигранти кои три дена протестираа и се судрија со грчката полиција го напуштиле привремениот камп во Диавата на северот на Грција. Според информациите, околу илјада мигранти го напуштиле привремениот камп и се вратиле во прифатните центри, а полицијата привела неколкумина коишто немале валидни документи.

Мигрантите и бегалците дојдоа во Диавата од четвртокот, по лажните информации дека ќе имаат организирано патување до западните земји преку македонско-грчката граница, а инциденти имаше и во петокот.

Во текот на вчерашниот ден бегалците и мигрантите имаа судир со грчката полиција која одговори со солзавец, при што, повреден бил и еден фоторепортер. До инцидентот дошло откако дел од насобраните фрлале камења и шишиња кон полицискиот кордон во обид да го пробијат и да тргнат кон границата со нашата држава.

Агенцијата Анадолија јави дека Турските безбедносни сили задржале 950 илегални мигранти во северозападниот дел на земјата при обид да влезат во соседна Грција. Мигрантите најпрвин се упатиле накај областа Едрене откако во четвртокот преку социјалните мрежи добиле дојави дека Турција ќе ги пушти да ја минат границата. По ова турските безбедносни сили ги зајакнале безбедносните мерки за да го спречат приливот.

Треба да знаете
Последни објави