Search

Во борби во Либија загина 21 лице, странците се евакуираат

Во борби помеѓу силите на меѓународно признатата либиска влада и бунтовничките сили на генералот Калифа Хафтар, во близина на главниот град, Триполи, денеска е убиено 21 лице, а 27 се повредени, објави либиската влада, пренесе Би-би-си.

Меѓу загинатите е и лекар од хуманитарната организација „Црвен крст“, пишува Би-би-си.

Хафтар извести дека загубиле 14 борци.

Странските земји ја почнаа пред неколку часа евакуацијата на своите дипломати во земјата, поради влошувањето на ситуацијата.

Хафтар пред три дена им нареди на неговите трупи да тргнат кон главниот град Триполи, кој е под контрола на силите лојални на легитимната Влада на национално единство на премиерот Фајез Сераџ. Портпаролот на Владата, Мохамад Гнуну денеска го најави почетокот на контра-офанзива за чистење на градовите од „нелегитимни сили“ на воениот командант Хафтар.

Во Либија по убиството на долгогодишниот лидер Моамер ел-Гадафи во 2011 година, владеат две влади. Едната од нив е меѓународно признаена, во Триполи, и ја предводи Фаез ал Сараџ. Другата е во Бенгази, предводена од командантот на самопрогласената Либиска национална армија Халифа Хафтар, составена од офицери и војници што ја напуштиле редовната либиска армија за време на Гадафи. Хафтар ја напушти армијата на Гадафи во 80-тите години и помина речиси 20 години во САД, по што се врати во Либија во 2011 година и го предводеше оружениот бунт против Гадафи, кој доведе до негово соборување и убиство.

Треба да знаете
Последни објави