Шекеринска од Атлетската трка во Скопје: Трчаме заедно кон целта-НАТО, беше тешко, но успеавме

Денеска во Градскиот парк се одржа НАТО – Атлетска трка, организирана од Министерството за одбрана, Армијата, Евроатлантскиот Совет и Атлетската федерација, по повод Неделата на НАТО и 70-годишнината од основањето на Алијансата.

Заедно со граѓаните, на трката учествуваше и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски, евро-амбасадорот Самуел Жбогар, шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, полковникот Јанковиќ, припадници на Армијата и Министерството за одбрана.

„Денеска и симболично покажавме дека сиве овие години трчавме кон нашата заедничка цел – а, тоа е НАТО-членството и таа трка беше за жал потешка од денешната. Таа траеше подолго време и таа бараше многу напори и одрекување. Меѓутоа нашата држава стигна до целта. Покажавме дека сите сме обединети во желбата нашата земја да стане подобра, да стане побезбедна, да стане попросперитетна. Затоа, трчавме кон НАТО и заради големиот напор и големата енергија , успеавме во оваа цел“, рече министерката Шекеринска.

Трката ја отвори шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, Зоран Јанковиќ, кој изрази убедување дека нашата држава наскоро ќе биде 30. земја-членка на Алијансата.

260 натпреварувачи трчаа на патеките од три и од пет километри. Најдобрите тројца учесници од трката на 3 и од трката на 5 километри ќе бидат наградени со учество на меѓународен маратон надвор од државата. Победниците ќе бидат прогласени на утрешниот отворен ден на Армијата, во Градскиот парк во Скопје, кај Школка.

Треба да знаете
Последни објави