Search

Уапсени 43 демонстранти на денешните протести во Париз

Илјадници луѓе денеска одново, 21 викенд по ред, се собраа на улиците во Париз и други француски градови на антивладините протести на движењето „жолти елеци“, кои главно минаа мирно и без поголеми инциденти.

Сепак, според агенцијата „Ројтерс“, 43 лица биле уапсени во Париз, додека неколку судири со полицијата биле забележани и во северозападна Франција.

Маршевите на демонстрантите во Бордо и Лил, кои вееле француски знамиња и носеле транспаренти што повикувале на референдум предложен од граѓаните, исто така, во голема мера минале без насилни инциденти.

Агенцијата забележува дека на денешните протести се собрале помалку луѓе во споредба со минатата недела. Според владините проценки, 22.300 демонстранти излегле на улиците низ целата земја, додека овој број минатата недела изнесувал 33.700.

Кон средината на ноември речиси 300.000 луѓе маршираа низ цела Франција, потсетува агенцијата.

„Ројтерс“ проценува и дека помирната природа на протестите треба да биде олеснување за претседателот Емануел Макрон, кој неделава ја заврши двомесечната иницијатива за голема дебата во врска со незадоволството на демонстрантите, во рамките на која се одржаа состаноци во градските собранија низ целата земја.

Треба да знаете
Последни објави