Search

СБ на ОН ја повика ЛНА да ги запре сите воени активности во Либија

Советот за безбедност на ОН ги повика силите на непризнаената Либиска национална армија (ЛНА), со кои командува Калиф Хафтар, да ги запрат сите воени операции.

СБ на ОН изрази загриженост поради воената активност во близина на либискиот главен град Триполи, и предупреди дека тоа претставува закана за стабилноста на земјата, соопшти германскиот амбасадор во ОН Кристоф Хојсген, кој претседава со Советот во април.

Советот за безбедност го усогласил соопштението на состанок зад затворени врати на кој се дискутирало за најновиот развој на ситуацијата во Либија.

– Исто така се повикуваат сите страни да ја намалат затегнатоста и да ги запрат воените активности. Не може да има воено решение за конфликтот, истакна германскиот амбасадор.

ЛНА синоќа соопшти дека ја презела контролата врз аеродромот во предградието на Триполи.

Ахмед Мисмари, портпарол на силите лојални на лидерот на ЛНА Калиф Хафтар, соопшти и дека припадници на ЛНА презеле контрола врз два града во близина на Триполи – Тархуан и Азизија.

Мисмари информира и дека петмина припадници на ЛНА загинале во борбите со силите лојални на премиерот Фајез ал Сараџ, кои се признати од меѓународната заедница.

Силите на Сараџ вчера соопштија дека заробиле 100 војници лојални на Хафтар и оти планираат да извршат воздушен напад врз негови позиции.

Треба да знаете
Последни објави