Стоилковски: Функционерите до антикорупциска не доставуваат информации за вработувањето на нивните роднини

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски обвини дека функционерите од СДСМ кријат информации од антикорупциската комисија и повеќе од цел месец не ѝодговараат кои роднини и  каде се вработени.

„Од Комисијата е побаран список, информација за 23 лица, за роднини со звучни презимиња, а во врска со непотизам, а Антикорупциска обезбедила известувања само за четири од наведените 23 барани информации за функционери. Значи, по барањето од антикорупциска, најмалку 19 функционери од власта не доставуваат информации за вработување на нивни роднини, за можен непотизам. Ако за нив закон нема, тоа значи дека за нив ништо не е задолжително, нема држава, нема институции што може да ги казни“, рече Стоилковски.

Тој рече дека било констатирано дека Државната комисија не располага со бараните информации.

„Ова е одговор од Комисијата која што е ставена во незгодно да не може да одговори во врска со барањето, доставување на информации и документи од страна на граѓанин до ДКСК! Информации кои што се од јавен карактер и треба да бидат достапни. Така што меѓу лицата кои сакам да ги прочитам за кои што се бараат информации, а не ги доставуваат до ДКСК тоа е пратеникот Емилија Александрова од Берово, претседателот на Собранието Талат Џафери, државен секретар на министерство за локална самоуправа Кирил Парталов, а потоа градоначалникот на Општина Новаци. Оваа листа продолжува со директорот на рудници РЕК Битола Душан Вукадиевиќ, па директорот на МЕПСО Сашо Василевски, потоа градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јовановски за вработување на тројца роднини, па градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш за вработување на сопруга, чичко, тетин, први братучеди, една сопруга на братучедите, како и еден внук на градоначалникот. Како и министерот кој што не поднел своја листа до Комисијата за антикорупција, министерот за економија, Крешник Бектеши за вработување на сестрата, Дора Бектеши во МЕПСО. Тоа се само дел од неколкумина кои што немаат поднесено и не ги почитуваат барањата, односно законот за доставување на информации од јавен карактер до ДКСК, ставајќи ја нејзе во незгодна позиција“, рече Стоилковски.

Опозицијата порача дека ДКСК мора да покаже интегритет, јавно да ги објави функционерите од СДСМ кои што одбиваат да и одговорат, да и бидат доставени нови пријави во однос на вработувањата на своите роднини. Тие бараат од Антикорупциска да покрене прекршочна постапка против овие лице кои спротивно на закон не доставуваат информации.

Треба да знаете
Последни објави