Search

Средба на ЗМНР Жерновски со амб. Ламберто Заниер, Висок комесар за националните малцинства на ОБСЕ

Заменик министерот за надворешни работи, г-дин Андреј Жерновски,  оствари средба со Високиот комесар за националните малцинства на ОБСЕ, амбасадорот  Ламберто Заниер, кој престојува во дводневна посета на Република Северна Македонија. .

Заменик министерот Жерновски му се заблагодари на Амбасадорот Заниер за неговиот досегашен ангажман и соработка во Република Северна Македонија, додавајќи дека нашата земја ќе продолжи и понатаму активно да работи на почитувањето на правата на сите етнички заедници во нашата држава.

На средбата беа разменети мислења за активностите на РСМ во сферата на унапредувањето на правата на припадниците на немнозинските заедници, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, но и за најактуелните прашања на агендата на ОБСЕ.

Исто така заменик министерот Жерновски информираше за реформските активности насочени кон интеграцијата во НАТО и ЕУ, за изгласаниот Закон за заштита од дискриминација, за подготовката на новата Стратегија за едно општество за сите како и за постапката на формирање на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

“Интеграцијата во НАТО и ЕУ не обединува и по етничка основа, го прави нашето општество посилно, а нашите институции постабилни. Овој проект е далеку поважен од меѓупартиските битки бидејќи претставува влог за просперитетна и стабилна иднина за сегашните и идните генерации”, истакна Жерновски на средбата.

Треба да знаете
Последни објави