Search

МЛД по повод Светскиот ден на здравјето: Во фокусот интегрирана примарна здравствена заштита

Постигнување интегрирана примарна здравствена заштита со пациентите во центарот на вниманието е визијата и стратегијата на Министерството за здравство. Планираме проширување на ингеренциите на лекарите од болничкиот сектор посебно во регионите што се соочуваат со недостиг на лекари на примарно ниво и проширување на дејностите во одредени здравствени домови, а во насока на враќање на гинеколошките диспанзери.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче во обраќањето на собирот, што го организираше Македонското лекарско друштво, во пресрет на 7 Април, Светски ден на здравјето, што се одбележува под мотото „Здравје за сите”, со акцент на превентивната здравствена заштита. Тој наброја повеќе постигнувања во однос на проектите кои ги имплементирале изминатата година.

Посочи дека најголемите новини кои ги планираат се промена на финансирањето на дел од здравствените услуги, во смисла на имплементирање на моделите на јавно-приватно партнерство, дозволување на приватниот капитал да влезе како инвеститор во нашиот здравствен систем, со цел да нема непотребните трошоци и долгови и да се фокусираат кон здравствен систем што купува услуги таму каде е најевтино и најквалитетно за пациентите. Појасни дека презеле неколку чекори за да ја подобрат покриеноста со здравствени услуги.

– Свесни сме дека во многу места има голем недостиг на доктори на примарно ниво, гинеколози и педијатри. Во таа насока подготвуваме промена на законот, при што ќе дозволиме лекарите кои работат во болниците да дадат услуги и на примарно ниво. Тоа значи дека во сите места каде нема матични гинеколози, гинеколозите од регионалните болници ќе може по системот на ротации во тие амбуланти да даваат такви услуги и на тој начин да ја приближат услугата до жените на кои таа услуга им е потребна. Во исто време ќе ги овластиме и здравствените домови да ја даваат таа услуга, ќе ги опремиме ординациите и тоа е на некој начин враќање на гинеколошките диспанзери кои претходно постоеја во земјава, рече Филипче.

Според него, моделите на јавно-приватно партнерство значат дека секаде каде потенцијален приватен партнер може да најде интерес ќе може да инвестира, да се надгради инфраструктурата, опремата. Тоа значи, потенцира министерот, подобрување на условите во кои работат и здравствените работници, поголеми плати за нив, а за нашите пациенти поквалитетни здравствени услуги.

На новинарско прашање како го коментира тоа дека 37 отсто од населението се лекува приватно покрај тоа што е осигурано и како ќе се зајакне државното здравство, рече дека токму тоа сакаат да го сменат.

– Тоа се луѓе кои плаќаат здравствено осигурување, а сепак вадат дополнителна сума пари од џебот за да се лекуваат во приватни болници. Промената е во смисла на искористување на капацитетите. Нема потреба да се задолжуваме со огромни суми средства за да градиме или осовременуваме болници, да купуваме нова опрема. Може да ги искористиме капацитетите кои во овој момент постојат во нашата земја. И тоа се модели кои постојат во многу развиени европски земји, ја стимулираат конкурентноста, со тоа расте и квалитетот, а на долги патеки штеди државата, нагласи Филипче.

Процесот, како што информира, оди со изработка на физибилити студии во кои детално ќе се анализираат овие модели, како би бил текот и на пациентите и на финансиите во здравствениот систем.

– После тоа планираме да отвориме широка јавна дебата на која ќе присуствуваат и синдикатот на лекарите и медицинските сестри и многу други експерти од областа на економијата, финансиите и правото за да видиме и да оцениме дали прво ќе одиме во оваа насока и во кои дејности тоа ќе го направиме. Морам да кажам дека не постои никаков ризик од нерационално затворање на болници. Овој модел заслужува дебата во која ќе бидат вклучени сите експерти за да го утврдиме начинот по кој ќе го развививаме нашиот здравствен систем, додаде Филипче.

Претседателот на Македонското лекарско друштво, Горан Димитров рече дека на општо задоволство на сите доктори зголемувањето на нивната надокнада за дежуства е огромен чекор напред во решавањето на нивната социјална состојба. Тој наброја голем број активности што од минатата година, досега, ги реализирало Македонското лекарско друштво.

Реферат по повод Светскиот ден на здравјето прочита националниот СЗО координатор, д-р Бојан Бошковски. На собирот присуствуваше и претставничката на Светската здравствена организација во државава, Жихан Тавила.

Треба да знаете
Последни објави