Search

Книга и изложба за рускиот цар Николај Втори и неговото семејство

Книгата „Романови: Љубовта е посилна од смртта” денеска беше промовирана во Музејот на македонската борба. Отворена беше и фотодокументарната изложба посветена на 100-годишнината од мачеништвото на последниот руски цар Николај Втори и неговото семејство. Во неа се собрани документарни материјали, фотографии и потресни лични сведоштва.

Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин потсети на страшното злосторство што му се случило пред повеќе од 100 години на царот Николај Втори и неговото семејство и порача вакви трагедии никогаш да не се повторат.

– Лекциите се научени. Русија се стреми кон постигнување амбициозни цели за мирен и динамичен развој на државата и на народот. Нашата земја е отворена за унапредување на рамноправна и заемна полезна соработка со сите кои се подготвени за тоа, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија, рече Баздникин.

Според него, во книгата се раскажува за животот и подвигот на членовите на царското семејство, не само во историски диксурс, туку и од аспект на човечки чувства. Делото има околу 1.000 страници, а го издаде „Св. Ѓорѓи Полошки” при Повардарската епархија.

Митрополитот Повардарски г. Агатангел укажа на љубовта на овој цар и семејството, неговото милосрдие, човечност…

– Од книгата што е пред нас, секој од нас како поединец може да извлече поука. Не можеме да се надеваме дека ќе имаме праведен живот ако немаме правилно воспитување кое е темел на подоцнежниот развој на човечката личност. Царот Николај го следел примерот на своите предци, пред се на својот татко царот Александар Трети, кој самиот бил скромен, побожен и умерен човек, па во тој дух ги воспитувал и своите деца, рече г. г. Агатангел.

Присутните слушнаа за убиството на рускиот цар Николај Втори, царицата Александра, нивните деца, кнегињите Олга, Татијана, Марија и Анастасија и престолонаследникот Алексеј. Со нив биле убиени и четворица слуги, ноќта спроти 17 јули 1918 година

Треба да знаете
Последни објави